Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска ги повика граѓаните на трпение, додека земјата се подготвува за почетокот на имунизацијата против Ковид-19, истакнувајќи дека прво треба да се вакцинираат најризичните групи.
На 27 декември, за кога е предвиден почеток на имунизацијата, првите вакцини ќе примат корисниците на домовите за стари лица. Речиси половината од вкупно 25.000 починати се лица постари од 80 години, а поголемиот број од нив биле во домовите за стари лица.
По нив, ќе се вакцинира медицинскиот персонал, а потоа полицајците и наставниците, соопштија здравствените власти.
Шпан наведе дека Германија која има 83 милиони жители очекува да добие од 11 до 13 милиони дози вакцина во првиот квартал од 2021 година.