По скоро две поминати години, предметите против охридскиот бизнисмен Нефи Усеини се уште се работат. Вака тврдат од Основното јавно обвинителство, од каде го гонат за повеќе случаи и го сомничат за пет кривични дела. Обвинителството тврди дека еден од случаите е пред јавнообвинителска одлука, без да прецизираа дали ќе покрене судска постапка или предметот ќе го затвори. Од Обвинителството велат дека во изминатиот период се сослушувале оштетените, се анализирала документацијата, се чекале вештачењата кои ги прават други институции. Во меѓувреме, еден од објектите за кој Обвинителството го гони Усеини дека бесправно го изградил, е делумно отстранет.
Нападот на инспектор за културно наследство од Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура е единствен случај од четирите постапки за кој Обвинителството вели дека наскоро ќе се донесе одлука за тоа дали Усеини ќе одговара. Обвинителот ја сослушал оштетената инспекторка и двајца сведоци, а ја добил и целата документација. Инцидентот се случи кога инспекторката сакаше да направи увид во дивоизградениот објект кај Чинарот на државно земјиште, чиј инвеститор е Нефи Усеини.
„Во предметот кој се води, се сомничи за кривични дела спречување службено лице во вршење службено дејствие, загрозување на сигурноста и фалсификување или уништување деловни книги“, велат од Обвинителството.
Дивоизградениот објект кај Чинарот во Охрид, каде правела увид нападната инспекторка и натаму остана нечепнат од Државниот градежен инспекторат, а предметот на Обвинителството се уште го нема добиено вештачењето од Градежниот инспекторат. Вакво оправдување даде Обвинителството за тоа зошто нема постапка пред судовите или затворање на предметот.
„Предметот е во фаза на вештачење по издадена наредба од ОЈО Охрид до Градежниот факултет во Скопје каде беше доставена целата потребна документација. По ургенција на обвинителството, Градежен факултет достави известување дека поради пандемијата вештачењето не е завршено, но ќе постапат по наредбата и наскоро ќе биде доставено во обвинителството“, велат од охридското обвинителство.
И нападот на Нефи Усеини врз неговиот поранешен колега од советот Џемал Мена, се анализира повеќе од година и половина. Единствена новост во овој случај е што обвинителот одлучи покрај кривичното дело напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста, да го сомничи Усеини и за спречување службено лице во вршење на службено дејствие.
„Овој предмет е за настан кој се случил на 10 јуни 2019 година, кога на редовна седница на Советот на општина Охрид, едно лице – оштетен бил нападнат од пријавениот при што му била нанесена телесна повреда. Во предметот до овој момент е сослушан оштетениот, прибрана е медицинската документација и извршено е медицинско вештачење за повредите на оштетениот. Побарана е документација од општина Охрид и сослушани се тројца сведоци. По разгледување и анализа на прибраните материјални и вербални докази, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од ОЈО Охрид.
Обвинител се уште води истрага и за бетонската база на Нефи Усеини, која Општина Охрид делумно ја отстрани. Таа се наоѓаше на стариот пат Охрид-Струга, беше нелегално поставена на земјиште сопственост на Исламската верска заедница. Обвинителството го сомничи Усеини за бесправно градење исто како и за објектот кај Чинарот.
„Обвинителството издаде Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења во Скопје, кое градежно вештачење е доставено до ОЈО Охрид. Предметот се наоѓа во фаза на истрага – донесена е Наредба за спроведување истражна постапка. Во моментов се преземаат дејствија за утврдување на факти во предметот“, објаснуваат од Обвинителството.
Во тек е судската постапка против Нефи и неговиот брат Кујтим Усеини за нападот на нивниот сограѓанин Спире Топалоски. Досега, рочиштата двапати со ред се одложуваа поради спреченост на Нефи Усеини да присуствува на нив.