Одлуката на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за откажувањето на Самитот на шефови на држави и влади на земјите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Форумот на Дијалогот меѓу цвилизациите што требаше да се одржат викендов во Охрид и Струга, на долг рок ќе донесе добри резултати, оцени денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) Горан Свилановиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-коференција на Годишниот состанок на РСС рече дека одлуката на макеодонскиот претседател ја примил со жалење, бидејќи, како што рече, секој договор и секој разговор се важни.
– Но, го разбирам како човек и претседател, кој сака неговата држава да биде почитувана од сите колеги, претседатели на други држави. На долг рок ќе донесе добри резултати. Сега на никого не му е пријатно на краток рок, но на долг рок сметам дека е добро бидејќи тој отворено кажа дека мора искрено да се разговара кои се проблемите во регионот, да се најдат решенијата и да се применуваат, изјави Свилановиќ.
Во дипломатијата, додаде, мора да седиш и да разговараш и додека се разговара проблемите можат да се решат.
– Одлуката на претседателот Иванов, на долг рок ќе ни помогне за некои проблеми. Ова не е единствен проблем што предизвикува бојкот. Сите знаеме дека има уште неколку проблеми во регинот кои се на исто ниво. Со овој гест беше испратен еден сигнал дека проблемите мора да се решаваат и тоа преку дијалог, нагласи Свилановиќ.
Тој подвлече дека сите учесници во дијалотог треба да се почитуваат.
– Да се почитуваме како личности, како функции, министер, претседател и како земји. На никого не му е пријатно, но искрено верувам дека ова ќе овозможи еден отворен разговор меѓу колегите, рече Свилановиќ.
Македонија како претседавач на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, според министерот за надворешни работи Никола Попоски, го промовира пристапот за инклузивност.
– Сметам дека тоа е многу значајно за сите нас. Не е првпат да се гледаат ваков тип ситуации, но е непријатно што се случуваат во овој регион. Принципиелно, нема тука тајна, Република Македонија стои зад својата позиција и сметам дека треба сите да бидат вклучени во тоа. Мислам дека на ниво на регионална соработка само дијалогот може да ни помогне. Не сите се согласуваат со вклученост очигледно на практично ниво, рече Попоски.
Шефот на дипломатијата смета дека во такви услови најбитно е да се задржи кредибилитетот на Процесот.
– Како земја која многу долго патела од блокади, сметам дека тие не носат никому добро и сметам дека дијалог, отвореност и вклученост на сите е единствениот пат кој може да не води напред, особено доколку сакаме да бидеме дел од Европската унија. Тоа е нашата позиција и мислам дека во таква ситуација, ова е најдобра одлука, заклучи Попоски.