МОН: Резултатите од ТИМСС и од други меѓународни тестирања ни служат за креирање промени во образованието

Од:

Резултатите од меѓународното ТИМСС-тестирање спроведено во 2019 година ни покажаа дека како земја генерално имаме капацитет да создадеме квалитетно едуцирани генерации, но дека треба уште многу да се работи, соопшти Министерството за образование и наука, посочувајќи дека резултатите се вистинска слика за тоа каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта по математика и природни науки и колку нашите ученици се оспособени да го искористат сопственото знаење.

Од 58 држави, Република Северна Македонија во математичка писменост на минатогодишното тестирање е на 45 место, а во природни науки е подолу рангирана – на 51-во место меѓу 58-те држави што учествуваа на тестирањето ТИМСС (TIMSS – Trends International Mathematics and Science Study).

ТИМСС е интернационална студија во која се мерат постигнувањата на учениците по математика и групата природни предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања. Тестирањето го организира Интернационалната организација за оценување (ИЕА), а во нашата држава го спроведува Државниот испитен центар.

Нашата земја досега учествуваше во четири ТИМСС-тестирања – во 1999, 2009 и 2011 беа тестирани осмоодделенци, а минатата 2019 година – четвртоодделенци.

Министерството за образование и наука посочува дека резултатите од овие меѓународни студии секогаш служат за креирање на промените што треба да се случат во сферата на образованието и дека треба да мотивираат да се одржи континуитетот во креирање и спроведување длабински образовни реформи во секој сегмент, на секое ниво и од секој аспект.

– Затоа веќе работиме на целосно нова концепција за основно образование која треба да го поттикне и изрази полниот потенцијал на секое дете. Исто така, треба да создаде идни генерации кои нема само да меморираат факти туку ќе носат заклучоци базирани на анализа на факти. Само преку ваков начин и пристап на креирање политики, оптимисти сме дека ќе продолжиме да одиме напред и на следното ТИМСС или кое било друго меѓународно тестирање на кое ќе учествуваме, соопшти МОН.

Во математичка писменост најдобри постигнувања на тестирањата имаат учениците од Сингапур, а по нив од Хонг Конг, Кина, Јапонија… Помеѓу земјите од опкружувањето, нашите ученици се подобри во математика од учениците од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови