Во ООУ „Кирил и Методиј” во Стајковци во општина Гази Баба денеска беше отворена сензорна соба и се одржа отворен ден за граѓанско образование по повод 10 Декември – Меѓународниот ден на човекови права.
На отворањето присуствуваше министерката за образование и наука Мила Царовска која изјави дека го избрала ова основно училиште како добар пример кое покажува дека училиштата може да живеат во духот на граѓанското образование.
Во училиштето учениците учат на два наставни јазика, на македонски и на албански, имаат инклузивно образование и децата со атипичен развој живеат и учат заедно со децата со типичен развој.
– Имаат и сензорна соба којашто ја посетуваат и деца со типичен и деца со атипичен развој, заради тоа што на тој начин создаваат инклузија, соживот и заеднички развој на сите ученици коишто ги имаат во училиштето, независно од каде доаѓаат и со какви можности и потреби доаѓаат. На овој ден е важно да се види дека со добар менаџмент од страна на директорката, поддршка од градоначалникот, но соработка со родителите, учениците и наставниците, може да се постигне да имаме квалитетни училишта, училишта коишто се грижат да човековите права се научат од најмала возраст, рече Царовска, која при посетата на училиштето беше придружена од градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски.
Министерката истакна дека во континуитет се создаваат услови за инклузивно образование и за таа цел се обезбедени буџетски средства од наредната учебна година за образовните асистенти. Посочи дека инвестициите наменети за училиштата ќе значат и директна инвестиција во пристапност на објектите на училиштата за лицата со попреченост и за децата со попреченост.
– Концепцијата која треба да стартува 2021/2022 за основно образование директно ќе се заснова на принципите на инклузивност, на родова рамноправност и почитување на човековите права, заради тоа што на овој начин создаваме идни генерации коишто не само што ќе ги почитуваат и ќе знаат за човековите права, туку ќе живеат со нив и ќе се борат секојдневно тие да се остваруваат, додаде Царовска.