Прашумата Амазон е многу позагрозена отколку пред осум години, се наведува во извештајот на група истражувачи и невладини организации насловен „Амазон под притисок“.
Во Амазон во периодот од 2000 до 2018 година исечена е шума од површина од 513.016 километри квадратни, колкава што е површината на Шпанија.
На тој начин најголемата прашума во светот се намали за осум проценти, се наведува во извештајот на Амазонската мрежа за општествено-еколошко географски информации (РАИСГ).
– Амазон е многу позагрозен од пред осум години, се наведува во извештајот на РАИСГ, која слична студија објави и во 2012 година.
Прашумата Амазон се простира низ девет земји: Бразил, Колумбија, Перу, Боливија, Еквадор, Венецуела, Суринам, Гвајана и Француска Гвајана, со околу 247 милиони жители, вклучително и голем број домородни заедици.
Најлоша година е 2003 година, кога е исечена шума од 49.240 километри квадратни. Потоа е забележан пад, а најниското ниво е во 2010 година (17.674 квадратни километри), а потоа од 2012 година повторно е зголемена сечата.
Бразил има 62 отсто од прашумата Амазон, но повеќе од 85 отсто од сечата е на негова територија. Во периодот од 2000 до 2018 година од бразилската прашума исечени се 425.051 квадратни километри шуми.
И шумските пожари придонеле за намалување на површината на прашумата Амазон, а најголемото уништување е забележано во Боливија.