Предлог закононот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост е доставен во Собранието, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски кој денеска присуствуваше на манифестацијата „Ден на полето за житни култури“ во Новосељане.
Законот, нагласи, е изготвен по барање на земјоделците, а основата е во тоа што тие немаат подобра сигурност од сопственоста на земјиштето.
– Постојат строги критериуми и услови како ќе се одвива процесот на продажба. Но, државното земјиште издадено под концесија или под закуп не може да биде ставено на продажба ако не се добие согласност од концесионерот, објасни Димовски.
Доколку на земјоделското земјиште постојат долгогодишни насади ќе се врши и нивна проценка. Ако, пак, земјоделецот не е заинтересиран за купување на земјиштето, тоа нема да се направи.
– Ова е направено со цел земјоделците во иднина подобро да ги обработуваат површините зашто ако се нивни, повеќе ќе се грижат, ќе бидат мотивирани по професионално да се занимаваат со оваа дејност. Тоа воедно ќе значи и зголемување на приносите особено ако се користат сите мерки и технички достигнувања по примерот на Клечовце, рече министерот.
Од исклучителна важност е користењето сертифициран семенски материјал.
Министерот се осврна и на климатските промени, констатирајќи дека Македонија ќе биде една од најпогодените земји во регионот. Сепак, рече, ако се применуваат сите агротехнички мерки, модерана механизација и квалитетно семе, проблемите ќе бидат ублажени.