Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со голема загриженост ја следи информацијата за апсење на новинарот Томислав Кежаровски од страна на МВР.
„Во ситуација во која обвинетите за убиство се ослободени, апсење на новинар кој информирал за случајот пред 5 години, во спектакуларната акција „Ликвидација“ – име што само по себе носи стравотна порака, со специјални сили, во присуство на семејството, не може да биде разбрано поинаку освен како непотребна демонстрација на сила врз новинар. Колегата Кежаровски ниту бил во бегство, ниту бил опасен, ниту бил недостапен за полицијата за врз него да се применат такви мерки.
Не навлегувајќи во природата на случајот, а врз основа на пресумпцијата на невиност според која никој не е виновен додека не се докаже спротивното, сметаме дека ваквиот третман на новинар е непримерен и неоправдан.
ССНМ апелира да се земе предвид дека апсење на новинар на овој начин ќе има последици врз состојбата во професијата и ќе биде удар врз истражувачкото новинарство кое сите го бараат, но станува се поретка појава во македонскиот медиумски простор“, реагираат од ССНМ.