Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска имаше средба со претставници на Националната конвенција за Европската Унија во земјава, на која се осврнаа главно на сесиите и препораките од поглавјето 19 од пристапните преговори – Социјална политика и вработување, активните мерки за вработување, флексибилните форми на вработување и социјалниот дијалог.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, Националната конвенција за ЕУ како платформа за развивање дијалог и отворање прашања поврзани со пристапните преговори отвора можност за учествуво на поширок круг граѓани, стручни во определена област кои учествуваат во реформите потребни за имплементација на европската легислатива.
– Министерката Шахпаска го посочи одличниот успех на реализација на активните мерки за вработување, гаранцијата за млади и самовработувањето како процеси кои течат. Таа истакна дека олеснетиот пристап на Гарантираната минимална помош не значи само брз влез на лицата во ситемот на социјална заштита, туку и нивно вклучување на пазарот на трудот токму преку активните мерки за вработување се постигнува нивно активно вклучување во општествениот живот, соопшти МТСП.
На средбата се разговараше и за процесот на деинституционализацијата и социјалните услуги кои, наведува МТСП во соопштението, се особено значајни и за државата, но и во однос на усогласувањето со европските вредности.
– Процесот на децентрализирани услуги од една страна значи помош и поддршка на лицата кои имаат потреба од нив во нивниот дом и нивното место на живеење, што воедно овозможува поголема достапност до граѓаните, но и нови вработувања на лица, даватели на услуги. И како особено значаен успех и дел од поглавјето 19 е Законот за спречување и заштита од дискриминација со карактер на lex generalis. Закон кој е усогласен со европската регулатива и во него се дефинирани сите облици на дискриминација, наведува Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Шахпаска нагласи и дека за нас како држава е многу значајно на патот кон ЕУ да ги изградиме темелните вредности на кои се базира Европската Унија.
-Свесни дека овој процес е долг и сложен, но истовремено овозможува како идна членка да ги завршиме сите неопходни внатрешни реформи пред реалното пристапување во ЕУ, додаде Шахпаска.