Попоски на министерски состанок на земјите од ЕУ и државите-кандидати

Од:

На покана на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на годишниот традиционален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати, што се одржа синоќа во Брисел, во форма на работна вечера.

Главна тема на состанокот, како што соопшти денеска МНР, беше стабилноста во соседството на ЕУ, со фокус на последните случувања во јужното соседство на ЕУ, како и на перспективите за натамошно продлабочување на односите и соработката на ЕУ со земјите од источното соседство.

Најголем дел од дискусиите беа фокусирани на последниот развој на настаните во Сирија, при што беа разменети мислења за активностите и напорите на Европската унија и нејзините партнери САД и Русија за постигнување политичко решение на кризата, согласно Женевското коминике.

Министрите разговараа и за односите на ЕУ со земјите опфатени со политиката на Источното партнерство. Беа разгледани перспективите за натамошно продлабочување на соработката во повеќе области, во насока на остварување на целите на политиката на Источното партнерство, првенствено за забрзување на реформите, зајакнување на демократските процеси, унапредување на економската интеграција и усогласувањето со европското законодавство. Беа претставени подготовките за одржување на следниот самит со земјите од Источното соседство, кој треба да се одржи во ноември оваа година во Вилнус, Литванија.

Министерот Попоски ја изрази поддршката на Македонија кон визијата на меѓународната заедница за политичко решение на кризата во Сирија и ги поздрави повиците за одржување на меѓународна мировна конференција за Сирија. Тој исто така информира за учеството на Македонија во неформалната Работна група „Пријатели на сирискиот народ“.

Осврнувајќи се на соработката на Македонија со земјите опфатени со политиката на Источното партнерство на ЕУ, Попоски ја истакна подготвеноста за поактивно вклучување во имплементацијата на инструментите на оваа успешна политика на Унијата, што би било од взаемна корист. Искуствата и научените лекции од хармонизацијата со европските стандарди на земјите-кандидати се особено релевантни и вредни за источните партнери.

Би можело да ве интересира

ЕУ: За жалење е одлуката на САД за укинување на санкциите за рускиот дизел

ЕУ најавува трет повик за стратешки рударски проекти до крајот на 2026 година

А1он

Москва: Трамп се обидува да ја реши украинската криза, Европа го продлабочува конфликтот

Горан Наумовски

МНР реагира за Михаилова: Владеењето на правото не смее да биде селективно

Горан Наумовски

ДУИ: Македонија остана надвор од плановите на ЕУ за проширување, одговорноста е на Владата

Средба на министерот Муцунски со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова

Предраг Петровиќ