Обвинителството во Љубљана денеска побара две годишна казна затвор за поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, поради сомнение дека бил еден од петмината вмешани во подмитувањето за време на набавката на оклопни возила од финскиот произведувач „Патриа“ за словенечката војска.
Словенечкиот државен обвинител Андреј Ферлинц во текот на изнесувањето на завршниот говор пред Обвинителството за судењето во врска со аферата Патриа, која трае повеќе од една година изјави дека Јанша за време на премиерскиот мандат од 2004 до 2008 година, кога се набавени 135 оклопни возила со вкупна вредност од 278 милиони евра, прифатил „во најмала рака ветување дека за тоа ќе му биде исплатена награда“, што во словенечкото законодавство се смета се корупциски чин.
Ферлинц побара казна од 22 месеци затвор за наводните помошници на Јанша во оваа афера со поткупување – офицерот на словенечката војска Антон Кркович и претприемачот Иван Чрнковиќ.
Ферлинц за Јанша, Крковиќ и Чрновиќ побара и дополнителна парична казна од по 37 илјади евра, додека не се изјасни за казните за преостанатите двајца обвинети – Јожа Загожен, уште еден наводен помошник на Јанша и бизнисменот Валтер Волф, кој бил посредник за „Патриа“, за време на набавката на оклопните возила.
Загожен и Волф денеска не се појавија на судењето. Волф, кој моментално е во Канада е недостапен за судот, додека Загожен е болен.
Според Ферлинц, спорната сума од 2,3 милиони евра провизија од оваа работа завршиле на сметка на Валтер Волф, а натамошната трансакција е спречена, откако еден банкар, се посомневал дека станува збор за незаконска акција.
Јанша, кој од почетокот на процесот тврди дека аферата и судењето се политички мотивирани со цел да се отстрани од политиката, предлогот на Обвинителството го оцени како апсурден.
Судењето ќе биде завршено најдоцна до јуни, бидејќи се очекуваат уште две расправи.