Градскиот музеј Крива Паланка ги заврши годинашните ископувања на археолошкиот локалитет Градиште во селото Градец.
Истражени се хоризонти од доцна антика и рановизантиски период и сукцесивен предисториски хоризонт со движен археолошки материјал во кој доминира фрагментирана садова керамика со предисториски карактеристики.
Од 15 октомври до средината на ноември годинава во селото Градец се вршеа археолошки истражувања на локалитетот Градиште од стручна екипа на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, под раководство на археолог Цоне Крстевски.
Тој соопшти дека во оваа истражувачка кампања се работеше во квадратите од А-6 до А8 и од Б-6 до Б-8, согласно со дозволата за археолошки истражувања добиена од Управата за заштита на културното наследство. Според предвидениот опсег и динамика на работа, рече Крстевски, се истражуваа просториите и археолошките ситуации покрај северниот бедем во правец на запад од неговата внатрешна страна.
-Во овие квадрати бедемот е најдобро зачуван, со најголема висина откриена досега. Во наведените квдарати се продолжи со истражувањето по метод на сукцесивни откопи кои претходно завршија со откоп, а ископани се и уште три до пет откопи во зависност од квадратот. Притоа се истражуваше хоризонтот од доцната антика и рановизантискиот период односно културните слоеви под рушевинскиот слој, како и сукцесивниот предисториски хоризонт кој следува под слоевите на доцната антика, односно слојот со темносива боја каде во движниот археолошки материјал доминира фрагментирана садова керамика со предисториски карактеристики, информираше Крстевски, археолог, раководител на ископувањата.
Во стручниот тим за годинашните истражувања учествуваа и археолог Петар Стојчевски и архитект Иван Ризов, како и десетина работници.
Според раководителот Крстевски, кампањата покажала дека овој локалитет претставувал исклучителен доцноантички и рановизантиски пункт во североисточниот дел од нашата држава, со солидна археолошка стратиграфија која на ваков мал простор ретко може да се сретне на други наши локалитети.
– Сите хоризонти на живеење евидентирани на Градиште (предисторискиот, доцноантичкиот-рановизантискиот и средновековниот), како и архитектонски целини заедно со движниот археолошки материјал, бараат повеќе средства за да се истражи овој локалитет и сооодветно да се валоризира согласно со законската регулатива, додаде Крстевски.