Намалените давачки за регистрација на возила со странски таблички нема да влијаат врз зголемување на загадувањето на воздухот бидејќи останува критериумот за увоз на стари возила со еуро 4 стандард, велат од Владата.
– Последната информација од Царинската управа е дека драстично е намален бројот на увезени стари возила, а наметнувањето на критериумот еуро 4 стандард е во насока дека нема простор старите возила на било каков начин да влијаат врз квалитетот на воздухот, истакна владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.
Предлог-законот што Владата го усвои вчера на седница, како што појасни Арсовски, е донесен на иницијатива на сопствениците на вакви возила, а во Буџетот како прилив се очекуваат околу 25 милиони евра.
Целта на Предлог-законот е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50 проценти од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври годинава со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година. Предложеното законско решение, како што вчера соопшти Владата, е доставено на усвојување во Собранието.