Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) го поддржува барањето за повторно активирање на владиниот Комитет за туризам, но не и барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
– Како најголема самостојна гранска стручна комора во која членуваат туристички агенции и тур-оператори, хотелско-угосителски објекти, патнички превоз, туристички водичи и придружници, како и образовни институции и асоцијации од туризмот, го поддржуваме барањето за повторно активирање на Комитетот за туризам при Владата, дотолку повеќе што тоа тело е формирано токму на наша иницијатива и покажало огромни резултати во соработката меѓу приватниот сектор и институциите. Во врска со барањето, пак, на посочените асоцијации и здруженија за реафирмирање на повикот од 28.10.2020 за оставка на директорот Јаневски го повторуваме нашиот јавно искажан став од 29.10.2020 кој е непроменет и константен – дека оставката е непотребна и претенциозна, наведува СКТМ.
Комората повикува на соработка базирана врз, како што посочува, постулатите на солидарност и професионализам без истакнување лични амбиции во прв план.