Група граѓани се собрале денеска пред аптека во центарот на Северна Косовска Митровица, откако косовските инспектори и полицајци, кои вршеле проверки, одлучиле да запленат дел од лековите во аптеката.
Полицајците и инспекторите дошле во момент кога граѓани чекале ред за да купат лекови, а пред аптеката се собрала поголема група, кои со викање, свирежи и навреди ги натерале инспекторите да си заминат, а сопственикот на аптеката ја затворил, за да ја избегне заплената, пишуваат српските медиуми.
Снимката покажува дека состојбата била многу тензична и оти за малку е избегнат поголем инцидент.
Сопственикот, Благоје Савиќ, вели дека тој, а и останатите аптеки во делот од градот населен со Срби, продаваат лекови купени во Србија. Според него, инспекторите и полицајците барале вработените да покажат дипломи кои се признаени во Косово, а сакале да ги запленат сите лекови чијашто продажба не е одобрена од Приштина.
И сопствениците на други аптеки во северниот дел на Косовска Митровица исто така привремено ги затвориле, според порталот Коссев.
Заменик-директорот на полицискиот командир на зоната Север потврди дека акцијата ја спровела единицата за економски криминал од Приштина, со асистенција на локалните полициски сили.