Светски познатиот диџеј и миленик на македонската публика, Дерик Меј, обвинет за сексуално малтретирање

Од:

Еден од најпознатите светски техно диџеи и легенда на електронската музичка сцена, се соочува со обвинувања од повеќе жени, кои велат дека се однесувал недолично кон нив и сексуално ги напаѓал во период од неколку години.

Меј е долгогодишен миленик на македонската клупска публика и има повеќепати гостувано во земјава, а некои од неговите забави се сметаат за култни за електронската сцена во земјава. Во 2014 година, Дерик Меј настапи на фестивалот „Охридско лето“ заедно со нашиот музички уметник Џијан Емин и Македонската филхармонија, а нивниот многу успешен заеднички проект подоцна го изведоа на повеќе континенти.

Меј на прес-конференција пред настапот на „Охридско лето“ во 2014 година

Уште од август, жени кои имале контакт со Меј пред 15 или 20 години, истапија на социјалните мрежи, а сведоштвата ги собираше и ги објавуваше новинарот и поранешен пријател на детроитскиот диџеј, Мајкл Џејмс. Тој и Меј се во повеќедецениска битка околу правата на композицијата „Strings of Life“, која ја лансираше светската кариера на Дерик Меј во 1987.

Но, во статија на списанието „Диџеј магазин“, неделава уште четири жени ги раскажаа своите приказни за наводните сексуални напади од страна на сега 57-годишниот музичар, дел од кои се случиле и пред дваесетина години. Тие велат дека одлучиле да истапат сега, откако сфатиле дека не се единствените со слични непријатни искуства поврзани со популарниот диџеј, и откако Мајкл Џејмс објавил делови од нивните сведоштва на социјалните мрежи во изминатите месеци, без тие да знаат или да го дозволат тоа. Жените велат дека по овие објави, добивале навреди и закани од фановите на Меј.

Една од жените која тврди дека била жртва на недоличното однесување на диџејот е Софија (името е сменето за да се заштити нејзината приватност). Таа вели дека била во своите 20-ти години кога се сретнала со Дерик Меј во Нов Зеланд, каде работела за локална радиостаница и била голем фан на Американецот. Софија вели дека по една забава, Меј ја поканил нејзе и уште една девојка да седнат на кауч позади сцената, каде „им ги фатил задниците на двете и стиснал навистина силно“.

Таа додава дека иако била навикната на слично недолично однесување од пијани мажи на забави, потегот на Меј ја шокирал и ја згорзил, а таа оттогаш престанала да ја слуша неговата музика и да ја следи неговата кариера.

„Мислев дека би можело да има уште некоја жена таму некаде на која ѝ се случило истото тоа, која никогаш не кажала ништо, но би можела да се охрабри кога ќе го прочита ова, да рече: океј, не сум сама, па сега не се плашам,“ вели Софија на прашањето зошто се одлучила да го сподели своето искуство.

Друга жена, Таниа, вели дека го запознала Дерик Меј во 2002 година, кога работела за издавачка куќа во Велика Британија.

„Првиот пат кога се запознавме, ме штипна за задникот и ми рече дека го потсетувам на некоја негова пријателка,“ вели Таниа, која не обрнала многу внимание на тоа, затоа што „такви работи се случуваат цело време“.

По две недели таа пристигнала во Детроит за да го интервјуира Меј, а тој се однесувал сосема пристојно, бил забавен и внимателен, раскажува Таниа. Подоцна, требало да го дискутираат заедничкиот проект, а диџејот ја поканил во неговиот дом. Според жената, кога се качувале по скалите, тој ја грабнал и насила ја свртел кон себе, додека стоел со изваден пенис.

„Бев во Детроит помалку од еден час, и седам тука на неколку сантиметри од неговиот пенис. Тој ме гледа и се смее. Не знаев што да правам. Не знаев никого таму. Не знаев дали да викнам полиција или нешто такво, па решив да одам со хумор како тактика. Го прашав дали треба да сум импресионирана од тоа срање и му реков да го тргне,“ вели Таниа.

Таа тврди дека работењето со Меј вклучувало „култура на речиси постојано малтретирање“.

„Беше наметлив и неоправдано арогантен. Тој беше човек што ќе дојде и ќе ве фати за градите или ќе ви ја стави раката во панталоните, или дури вербално и физички ќе ги малтретира другите мажи во канцеларијата,“ вели Таниа.

„Се што тој правеше беше смислено за да се заплашат сите. Ќе се обидувавте да правите состанок за буџетот, додека тој седи тука и се обидува да ви ги фати цицките или зборува за сексуални средби со други жени,“ раскажува таа.

По сериозните обвинувања, неколку фестивали и настани ги откажаа неговите настапи, а Меј преку адвокатот најави тужби за клевета и ги нарече сведоштвата „лов на вештерки“.

„Како црн човек што работи во индустрија која е доминирана од белци и отворено пристрасна, дали се очекува од мене дека сум ја научил болната лекција дека не постои такво нешто како вистина, фер-игра и законски процес?“

„Кога ќе заврши долгата историја на претворањето на сексуалноста на афроамериканските мажи во оружје?“

„Морам ли под притисок да соработувам со сопствената виктимизација од страна на отворено непријателските медиуми, која ги засилува таканаречените стравови од привилегираните, анонимни жени во линч со посредство на интернет?“

„Жените се каналот на животот и како такви, тие треба да се заштитат, а не да се искористуваат. Живеам почитувајќи ги овие зборови,“ – се дел од изјавите на Дерик Меј со кои тој одговори на обвинувањата.

Би можело да ве интересира

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Актер од серијата „Луд, збунет, нормален“ е осуден на една година затвор за сексуално вознемирување малолетник

Австралиски воспитувач сексуално злоставувал деца

Битлочанец силувал лице со трајно душевно заболување и пренесувал во живо на Youtube

Катерина Ѓуровски

Уште една инфлуенсерка го обвини раперот за сексуално злоставување

Градоначалникот на Њујорк обвинет за сексуален напад