Регионалните медиуми со поддршка и честитки до нашата фудбалска репрезентација за пласманот на Европското првенство.
„Македонците го слават Пандев, никој не може да го оспорува Горан Велики!“, напиша хрватската државна телевизија „ХРТ“.
„За прв пат во историјата, фудбалската репрезентација на Македонија избори пласман на Европското првенство откако во финалето на плеј-офот во Тбилиси ја совлада Грузија со 1-0. Херој на натпреварот беше 37-годишниот Горан Пандев, кој го постигна единствениот гол на натпреварот во 56-та минута, негов 36-ти гол на 114-от настап во дресот на репрезентацијата.Тоа беше одлична акција во четири потези во кои учествуваа „Италијанците“, играчот за врска на Наполи, Елиф Елмас, напаѓачот на Удинезе, Илија Несторовски и напаѓачот на Џенова, Горан Пандев“, пренесе „ХРТ“.
Хрватски „Индекс.хр“ пренесе: „Македонците ја победија Грузија со 1-0 на гости, а херој беше искусниот Горан Пандев, кој ја однесе репрезентацијата на ЕП, на 37-годишна возраст. По прославата и победата на теренот, Македонците ја префрлија позитивната енергија во соблекувалната, но и на прес-конференцијата. Додека тренерот Игор Ангеловски даваше изјава по натпреварот, играчите се појавија и направија лудница“.
„До денеска тој беше легенда, а отсега е Бог!, Горан Пандев ја испиша историјата на С.Македонија“, гласеше насловот на српски „Блиц“.
„Овој 12 ноември е запишан со златни букви во историјата на фудбалот во С. Македонија, за прв пат од независноста, оваа земја се пласираше на Европското првенство со победа над Грузија од 1: 0. Би било неправда ако некој друг, освен големиот – Горан Пандев, го стори тоа. Овој 37-годишник до денес беше херој на земјата, најдобар фудбалер, а од денес е Бог! Од распадот на Југославија, Македонија не успеа да се пласира на Европското првенство, а овој пат тоа и успеа со победата над Грузија и Косово со 2: 1“, пренесуваат српските медиуми.
55TH MINUTE: GOOOOOAAAAAALLLLLLLLL
GORAN PANDEV.
GREAT GOAL.
ELIF ELMAS MADE IT HAPPEN. BEAUTIFUL FROM ELIF, TO NESTOROVSKI WHO FINDS PANDEV. GORAN THEN DISPLAYS GREAT FINISHING TO GET IT PAST THE KEEPER.
I WAS PRAYING PLEASE NO OFFSIDE WITH VAR AVAILABLE. NOT OFFSIDE. GOAL pic.twitter.com/dXBUIEuYr7
— Macedonian Football (@MacedonianFooty) November 12, 2020
„Македонската фудбалска репрезентација го достигна својот фудбалски врв, соседите ќе играат на Евро 2020“, пишуваат медиумите од Бугарија.
„За прв пат во својата историја, С. Македонија се квалификуваше на голем фудбалски форум откако ја победи Грузија со 1:0 во Тбилиси во еден од четирите последни плеј-оф натпревари, обезбедувајќи учество на ЕП 2020 преку турнирот од Лигата на нации. Амблемот на македонскиот фудбал, Горан Пандев, го постигна единствениот гол во 56-та минута и со тоа ги испрати „црвените рисови“ во групата Ц на Евро 2020, каде се наоѓаат екипите на Холандија, Украина и Австрија“, напиша бугарскиот спортски медиум „Спортал.бг“.
Црногорскиот медиум „Вијести“ објави дека прославата во Грузија била голема.
„Ти си бисер балкански: Погледнете ја прославата на Македонците на „Динамо Арената“ во Тбилиси“, гласеше нивниот наслов.
„С. Македонија го прослави најголемиот фудбалски успех во историјата – пласман на Европско првенство. Денес Македонците ја совладаа Грузија со 1:0 во финалето од баражот во Тбилиси, а единствениот погодок го постигна големиот Горан Пандев“, пренесе „Вијести“.