Главната причина за ширење на вирусот во Грција и низ цела Европа беа забавите на младите, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешната седница во Парламентот, на која информираше за ситуацијата со коронавирусот во земјата, а паралелно истакна дека зголемениот број случаи не се поврзува со отворањето на туризмот.
Мицотакис потенцираше дека „несомнено следните десет дена ќе бидат тешки и особено критични“, а за новите мерки и вториот карантин, рече дека иако целта била да се избегне целосен локдаун, сепак биле принудени да се решат на ваков чекор поради драстичното зголемување на случаите.
-Сакам да знаете дека враќањето на карантинот не беше лесна одлука, бидејќи освен спроведување, за мерките е потребно и прилагодување, истакна грчкиот премиер.
Објасни дека „првата станица ќе бидат празниците“ и ако се постигне целта, да се намали бројот на случаи, празниците ќе се слават во понормални услови од сега.
– Секако денес повеќе од кога потребно е сите да ја покажеме потребната зрелост и одговорност. Знам дека општеството е исплашено, уморно, загрижено, огорчено, рече Мицотакис повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат мерките.
Во однос на тоа што можеле да направат, а не направиле, грчкиот премиер рече дека можеби требало порано да се воведе задолжителната употреба на маска и на отворено и на затворено, но и порано да го забранат вечерното излегување на младите во баровите и ноќните клубови.
-Се искачуваме на планина и го гледаме врвот. Не знаеме колку точно време ќе ни треба да стигнеме до врвот, знаеме дека има многу дупки и провалии до врвот од местото каде што сме сега, но го гледаме врвот. А врвот е вакцината, рече Мицотакис, повторувајќи дека вакцината ќе биде бесплатна и нема да биде задолжителна.