Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција, Димитрис Куркулас, во интервју за Агенцијата “Европа“ ги разби сите надежи на Република Македонија и на Европската комисија, дека земјата по петте едноподруго позитивни препораки за почеток на преговорите за членство во ЕУ, на јунскиот Самит на Европскиот совет ќе го добие заслуженото, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Под изговор дека нашата земја не ги исполнува Копенхашките критериуми, Куркулас во интервјуто во кое открива дека Грција ќе постави ново вето на македонското пристапување кон Унијата, ја откри и рак-раната на неговата земја, а тоа е актуелната македонска Влада. На прашањето со кои земји од ЕУ, кандидати или потенцијални кандидати, Грција има комплицирани односи, Куркулас ќе рече:
– Имаме впечаток дека БЈРМ во последните години не се однесува на начин на кој идниот наш партнер би требало да се однесува. Не можеме да прифатиме почеток на преговорите со Влада, која се однесува на таков начин. Тој при тоа не појасува каков проблем има неговата земја со актуелната власт во Македонија.
На директното прашање каква е состојбате во преговори за името Македонија и со оглед на тоа што Европската комисија неколку пати даде позитивно мислење за отворање преговори со нашата земја, но Грција блокира, па дали е подготвена да даде соглансост за отворање на преговорите во јуни, Куркулас со одговор:
– Преговорите за името се одвиваат под закрила на Обединетите нации. Ние се надеваме дека прифатливо решение за двете страни ќе се најде што е можно побрзо и тоа очигледно ќе отвори перспектива за добри односи со соседите.
А, за тоа дали е можно да се размисли за отворање на преговорите со ЕУ за Македонија, со прецизирање дека додека прашањето за името на се реши дека земјата нема да може да стане членка, државниот секретар при грчкото МНР истакнува дека “за да се водат продуктивни преговори е потребно минимум разбирање и соработка“, а која, според него – не постои!
– Во спротивно, резултатот би бил увоз во Унијата на проблеми од регионот. Ние би сакале да ги отвориме преговорите, за таа земја да го завземе своето место во европското семејство, но мислиме дека отворање во сегашни околности би можело целосно да биде контрапродуктивно, ги разјасни Куркулас сите дилеми околу епилогот на јунскиот Самит на Советот во контекст на точката за доделување датум за преговори на Македонија.
Во продолжение, првиот оперативец на грчката дипломатија потенцира дека Грција е позитивна кон пристапување на Западниот Балкан и Турција кон ЕУ, но дека нема да даде согласност на отворање на преговори со, како што тој ја нарекува БЈРМ, додека според Куркулас – “оваа земја не почне да ги почитува Копенхашките критериуми, вклучително и начелата за добрососедство“.
Во интервјуто за Агенцијата “Европа“, Куркулас потенцира дека Грција во текот на претседавањето со Советот на ЕУ во 2003 година ја отворила вратата со историските одлуки од Самитот во Солун, што според него дале перспектива на пристапување на земјите од Западен Балкан.
– Ако ја погледнете мапата, постои дупка која не припаѓа на ЕУ и која претставува традиционална рута што ја поврзува Грција со остатокот од Европа. Очигледно, тоа е во наш интерес и ние секогаш ја поддржувавме перспективата за членство што ќе продолжиме да го правиме со сите земји под услов тие да ги почитуваат темелните правила, меѓу кои и правилото за добрососедство, потенцира Куркулас, кој во однос на Србија недвојбено истакнува дека Грција ќе поддржи доделување датум за преговори на оваа земја по успешниот договор со Косово.
Со оглед на тоа што Куркулас, како поранешен чиновник во Европската комисија, е човек кој често на главните состаноци на министрите за надворешни рбаоти на земјите-членки на ЕУ го заменува министерот Димитрис Аврамопулос, јасно е дека оваа негова порака во интервјуто за Агенција “Европа“ е потврда за она што на јунскито Самит на Советот ќе го стори Грција, а тоа е петта блокада на преговорите на Македонија со ЕУ.