Министерството за труд и социјална политик го проширува опфатот на социјалната заштита и за лицата кои досега не беа евидентирани во системот преку нови измени на Законот за социјална заштита. Со измените, кои влегуваат во собраниска процедура, се овозможува приматели на социјална заштита да бидат и лицата кои добиле извод од посебната матична книга на родени, во согласност со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени.
-Во овие сериозни и тешки времиња, кога се соочуваме со вонредни околности поради пандемијата Ковидс-19, најважно е да обезбедиме грижа и заштита за сите. И токму затоа го прошируваме опфатот на социјалната заштита и за лицата кои досега не беа евидентирани во системот. Со новите измени на Законот за социјална заштита, кој влегува во собраниска процедура, приматели на социјална заштита може да бидат и лицата кои добиле извод од посебната матична книга на родени, во согласност со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, напиша министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на својот фејсбук-профил.
Според неа, станува збор за околу 700 лица кои ќе добијат можност да станат приматели на гарантирана минимална помош, како и други парични права и социјални услуги.