Лекарите од примарното здравство имаат преголем притисок од исплашени пациенти. Како лекарска фела бараме од пациентите да ја смират целата ситуација и да се направи добра тријажа-распоредување и групирање на болните во групи според природата на болеста, вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.
Таа порачува пациентите кои имаат сезонски настинки да седат дома и да добијат информации по телефон, а рецептите да ги земе некој член од семејството.
-Оние кои се потешки случаи мора да бидат прегледани. Сите болести не можат да се лекуваат преку телефон, туку мора да има лекарски прегледи бидејќи имаме пациенти и со мозочни удари и инфаркт, вели Чолакова Дервишова во изјава за МИА.
Апелира граѓаните кои немаат симптоми на Ковид-19, да не се тестираат.
Информира дека претставници на здружението на приватни лекари деновиве оствариле средба со министерот за здравство Венко Филипче и барале решавање на нивните проблеми.