ВИДЕО: Тачи поднесе оставка откако му се потврди обвинението за воени злосторства

Од:

Претседателот на Косово Хашим Тачи поднесе оставка од функцијата откако му беше потврдено обвинението против него пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово со седиште во Хаг.

Во своето вонредно обраќањето на јавноста, Тачи нагласи дека нема да дозволи „да му се суди на еден претседател на Косово“ и порача дека ќе соработува со Судот во Хаг.

– Пред неколку моменти бев информиран од надлежни лица дека официјално судија го потврдил обвинението против мене. (…) Со цел да го заштитам интегритетот на Косово, почитувајќи го партнерството со меѓународната заедница, јас денеска поднесувам оставка од пртеседателската функција. Се чувствувам многу горд за одговорноста која ја понесов, изјави Тачи.

Тој ги повика народот и политичките субјекти на Косово на единство и умереност, „за да не премине состојбата во уставна или институционална криза“.

– Да останеме обединети бидејќи нашиот успех е слободно Косово. Толеранцијата, почитувањето и соживотот се тие кои ја водат земјата напред. Ниедна одлука не може да ја смени историската вистина, а таа е дека Косово беше жртва, а Србија агресор, порача Тачи.

Тој нагласи дека во Хаг ќе го брани интегритетот на косовската држава и, како еден од основачите и водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), ќе докаже „уште еднаш дека нејзината борба беше чиста и праведна“.

– Треба да ја зачуваме вербата во внатрешниот дијалог. Ве повикувам и ве молам да верувате во косовската држава, во европско Косово. Вечна благодарност на Соединетите Американски Држави и на државите на Европската унија. Правдата не се остварува на улица туку со соочување на аргументите. Ова не е збогум, туку само довидување, порача Тачи.

Само еден час пред Тачи да ја соопшти оставката, и лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен собраниски спикер Кадри Весели, кој е исто така еден од водачите на ОВК и шеф на нејзините разузнавачки служби, објави дека му е потврдено обвинението од меѓународниот трибунал.

Полицијата на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, вчера во неговиот дом во Приштина го приведе и го екстрадира во притворното одделение на Меѓународниот суд во холандската престолнина некогашниот портпарол на ОВК и поранешен спикер на Собранието на Косово, Јакуп Красниќи.

Утрово за Хаг, откако му беше потврдено обвинението, отпатува и шефот на пратеничката група на партијата Движење самоопределување (ВВ), Реџеп Селими, кој е исто така една од истакнатите фигури на некогашната ОВК.

Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на меѓународниот суд, кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формиран е во 2015 година со одлука на Собранието на Косово, под силен притисок на САД и Европската унија.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина