Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска учествуваше на онлајн состанок на работната група МОН-МЛАДИ, на кој беше усвоен Деловникот за работа и беше избран претседавач.
Царовска на состанокот посочи дека студентите и младите се еден од клучните партнери на Министерството за образование и наука, во креирањето на успешни политики за создавање современо и квалитетно образование.
– Студентите и младите се еден од клучните партнери на Министерството во креирањето на успешни политики со кои ќе создадеме современо и квалитетно образование, но и ќе работиме на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. Затоа сите законски решенија, политики и мерки ќе поминуваат низ оваа работна група од која очекувам посветеност, иницијатива и идеи со кои ќе ги менуваме работите на подобро, рече Царовска.
Младите ја поздравија иницијативата за формирањето на оваа работна група и најавија дека активно ќе работат на креирање на младиснки политики.
Во работната група МОН -МЛАДИ учествуваат претставници на младинските организации, Универзитетско студентско собрание и Сојузот на средношколци.