Кривичниот суд одлучи да му го одзеде пасошот на сопственикот и управител на фризерницата „В.Е.З. Трејд“, Зоран Златковски, кој е опфатен со истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Одбраната на Златковски пред судот не се противела на изрекување на мерките што ги побара обвинителот кој го води случајот. Тој сега има обврска и повремено да пријавува во судот, а доби и забрана за преземање одредени дејствија.
За мерките што ги бара Обвинителството за разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, и поранешниот надворешен соработник во Националната агенција, Александар Гочев, ќе се одлучува наредните денови.
Обвинителството во петокот достави предлог до кривичниот суд, во кој за тројцата осомничени побара да им бидат изречени мерки за претпазливост, со цел обезбедување присуство и непречено водење на кривичната постапка.
Истиот ден, Управниот одбор донесе одлука за разрешување на Лидија Димова. Предметот е во фаза на истрага, по што обвинителот ќе донесе одлука дали ќе има судска постапка.
„А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.
Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.
Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.
Фризерницата немало да го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.