Поранешниот премиер на Македонија и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, денеска во Софија остварил средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
За средбата информираше министерката Захариева на нејзиниот фејсбук-профил.
– Мојот тим и јас денеска имавме плодна средба со нашиот пријател од Република Северна Македонија и нејзиниот премиер (1998-2002) Љубчо Георгиевски, напиша Захариева.
Георгиевски неодамна изјави дека ќе ја посети Софија за да информира дека евентуалното вето од Бугарија за одржувањето на првата меѓувладина конференција за Македонија, би било контрапродуктивно. Конференцијата, од која зависи почетокот на пристапните преговори на земјава за членство во ЕУ, според најавите треба да се одржи за време на Германското претседателство со Европската Унија, односно најдоцна до крајот на годинава.