На седница на Советот за безбедност во Њујорк ќе се расправа за ситуацијата на Косово и извештајот на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш за тамошната состојба.
Министерството за надворешни работи на Србија соопшти дека на видео сесијата која ќе започне во 16 часот ќе учествува шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
Дачиќ за српските медиуми изјави дека е во постојана комуникација со членките на Советот за безбедност на ООН, особено има контакт со постојаните членки кои ги поддржуваат српските позиции како што се Кина и Русија.
Во шестмесечниот извештај за кој ќе се дискутира денес, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш го поздрави продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, по долга пауза и ги повика двете страни да покажат флексибилност и креативност во надминувањето на разликите.
Во извештајот за работата на мисијата на ООН на Косово (УНМИК), Гутереш ја поздрави посветеноста на раководството на Приштина за борба против пандемијата, унапредување на дијалогот со Белград и европската интеграција.
Тој ја повика новата влада на Косово да продолжи да го зајакнува владеењето на правото, да ги поддржува процесите на одговорност за сериозните повреди на човековите права и да преземе решителни чекори во борбата против корупцијата и неказнивоста.
Гутереш ги повика косовските институции и меѓународните актери да обезбедат целосна поддршка и соработка во напорите на Специјалното обвинителство за терористички злосторства на ОВК, бидејќи тоа е „клучно за мирната иднина на Косово“.
Во извештајот, Гутереш проценува дека Специјалното обвинителство „постигнало напредок во понатамошните истраги“ во периодот за кој известува и ги повика „сите релевантни страни, косовските институции и меѓународните актери да обезбедат целосна поддршка и соработка на овие напори, кои се клучни за мировната иднина на Косово“.
Извештајот, исто така изразува загриженост за обновените тензии предизвикани од градежните активности во заштитената зона околу манастирот Високи Дечани, како дел од светското наследство на УНЕСКО.
Тој изрази загриженост за тековната политичка поларизација во Приштина, што влијаеше и на управувањето со пандемијата и ги повика сите политички субјекти во Косово да се обединат во приоритетите на јавното здравство.
Гутереш ги повика и косовските институции да ги засилат напорите за спроведување на правна и друга заштита и да ги решат нееднаквостите на жените, истакнувајќи го алармантното зголемување на пријавените случаи на семејно насилство од почетокот на пандемијата со Ковид-19.