СВР Битола поднесе кривична пријава против 19-годишниот К.Б. од Битола и 19-годишниот Д.М. од Демир Хисар за сторени кривични дела „разбојништво“ и три тешки кражба на дрзок начин, а против К.Б. зедно со 18-годишниот Ѓ.Б. од Кривогаштани и 18-годишниот Ж.З. од Охрид пријава за кривично дело „разбојништво во обид“.
Покрај ова, во друг случај СВР Битола поднесе кривични пријави против малолетниците Е.Т. (15), А.М. (16) и А.М. (18) за сторено кривично дело „разбојништво“, а заедно со С.З. (15), О.Ш. (16), И.Н. и Д.Н. сториле вкупно 19 тешки кражба.
Во првиот случај, К.Б. и Д.М. се товарат дека на почетокот на јули минатата година во кругот на Клиничката болница во Битола извршиле разбојништво над Н.М. одземајќи и чанта во која имало 120 евра, околу 2.700 денари и мобилен телефон, додека пак во периодот од 3 до 14 јули во три наврати на различни локации во Битола, од три женски лица одзеле чанти во кои имало парични средства, документи, мобилни телефони и друго, причинувајќи материјална штета од околу 25.000 денари. Исто така, на 27 февруари годинава, во близина на спортската сала „Павел Шатев“, К.Б. заедно со Ѓ.Б. и Ж.З. го пресретнале Д.Д. од Кичево и се обиделе да му го одземат златното ланче од вратот, но не успеале.
Во вториот случај, Е.Т., А.М. и А.М. влегле во станот на Б.Г. и со употреба на сила извршиле разбојништво, одземајќи златен накит и обувки во вредност од околу 30.000 денари. Исто така, во периодот од октомври 2011 до јануари 2013 година на подрачјето на Битола во повеќе наврати вршеле тешки кражби во магацински простор, цркви и стан, од каде одзеле парични средства и прехранбени производи, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 35.830 денари.