Македонската фудбалска репрезентација до 21 година одигра нерешено 1:1 против Израел, попладнево на домашен терен во натпревар од квалификациите за Европското првенство.
Јани Атанасов со гол од слободен удар во петтата минута од судиското надополнување ја спаси од пораз македонската репрезентација. Претходно, во 22. минута, гостинската репрезентација дојде во водство преку Шај Елијас.
Во 55. минута, Израел не искористи пенал, односно Ристе Јанков извонредно го одбрани ударот од 11. метри на Алмог.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски по осум натпревари во тековните квалификации остануваат на второто место на табелата со 14 бодови, два повеќе од денешниот противник. Шпанија е лидер со 19 бодови.