Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова денеска во детската градинка „Гоце Делчев“ во Пробиштип присуствуваше на манифестацијата „Здрав ручек“, во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана“, што се одвива под нејзино покровителство.
На настанот, организиран од невладината организација ОХО и со поддршка од Министерството за образование и наука и локалната власт, беше презентиран здрав ручек, по препорака од нутриционист.
Пред најмалите, Маја Иванова го претстави главниот оброк од ручекот – македонска лазања, приготвена од тиквички, модри патлиџани, домати и мешан кашкавал, односно со состојки од македонското поднебје.
– Од овде, од Пробиштип, сакам да порачам до сите субјекти кои се вклучени во правилниот развој на децата – институциите, родителите, бабите, дедовците, воспитувачите, наставниците, педијатрите, уште еднаш сите заедно да дадеме на интензитет на оваа акција, да придонесеме за правилен развој на нашите деца, затоа што децата, нашите поколенија, се иднината на нашата татковина, изјави Иванова.
Сопругите на амбасадорите на САД и на Шведска, Мери Џо Волерс и Хелена Густавсон, презентираа салата, супа и соодветно подготвен десерт.
Сите учесници потсетија на потребата за исклучување на брзата храна од менито на најмладите.
Кампањата „Здрава храна за детство без мана“ започна во 2011 година под покровителство на Маја Иванова. Целта е да се поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана, како предуслов за нивни правилен развој. Претходно, слични манифестации се одржаа и во други македонски градови.