Папата Франциск денеска во Ватикан се сретна со австралискиот кардинал Џорџ Пел, поранешниот благајник во папската држава, кој се врати во Рим по смената на кардиналот Анџело Бечиу.
На почетокот на оваа година, Врховниот суд на Австралија го ослободи 78-годишниот кардинал Пел од обвинувањата за сексуално злоставување на двајца тинејџери во текот на 90-тите години, а веднаш потоа тој беше пуштен од затвор.
Засега не се знае со што кардиналот Пел ќе се занимава по доаѓањето во Ватикан.
Средбата меѓу папата и доскорешниот австралиски кардинал Ватикан ја најави во соопштението за приватните аудиенции на папата, без да даде други детали.
-Средбата мина добро, изјави Пел пред својата резиденција, надвор од ѕидините на Ватикан.
Кардиналот Пел се врати во Рим на 30 септември, неколку дена откако папата го отстрани неговиот ривал, италијанскиот кардинал Анџело Бечиу, обвинет за проневера и непотизам.
Според италијанските медиуми, Бечиу дал најмалку 600.000 евра на кујната што ја водел неговиот брат во неговата родна Сардинија, но кардиналот негира каква било злоупотреба на парите. Кардиналот, беше шеф на одделот за канонизација во Ватикан. Тој се откажа од сите привилегии, вклучувајќи го и неговото право како кардинал да учествува во изборот на следниот папа.
Бечиу беше вториот човек на Државниот секретаријат на Ватикан додека Пел беше благајник и нивните односи беа турбулентни. Откако Бечиу беше отстранет, Пел коментираше дека „Светиот Отец е избран за да ги исчисти финансиите на Ватикан“.
-Тој игра долгорочно и треба да му се заблагодариме, рече Пел.
Адвокатот на Бечиу ги негира наводите во медиумите дека сменетиот кардинал испратил пари во Австралија за „непријателите на Пел“, во времето кога тој се соочуваше со обвиненијата за сексуално злоставување.