Развојната банка (РБРСМ) на својата веб-страница објави јавен повик, со кој се понудува можност на компаниите-корисници на кредити од првата бескаматна кредитна линија Ковид 1, да поднесат барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата за дополнителни три месеци.
Јавниот повик, информираат од Владата, ќе трае во наредните седум дена, односно заклучно со 14 октомври иможе да се види на линкот: https://www.mbdp.com.mk/mk/
-Владата и државните органи остануваат да бидат искрен партнер на стопанството и граѓаните и да креираат мерки кои ќе одговорат на реалните потреби на бизнисот и на граѓаните. Зголемувањето на грејс периодот за отплата на кредитите од Ковид 1, ќе им обезбеди дополнителна ликвидност на компаниите во четвртиот, последен квартал од 2020 годна, за полесно справување со социо-економската криза,порачуваат од Владата.
Потсетуваат дека бескаматната кредитна линија Ковид 1 на РБРСМ во вредност од 5,5 милиони евра, беше наменета за најпогодените дејности на почетокот на ковид кризата, односно за угостителската, транспортната и туристичката дејност.
Од оваа линија беа одобрени 737 кредитни апликации на компании кои вработуваат вкупно 6.509 лица. Од вкупниот број на компании 77 отсто се микро претријатија, 21отсто мали фирми, додека околу 2 отсто од корисниците се компании со средна големина.
-Со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидe обезбедена можноста за продолжување на грејс периодот и периодот за отплата на кредитот за три месеци, пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити. Четвртиот пакет на мерки има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и да се заштитат што е можно поголем број на работни места за граѓаните, да се помогне закрепнувањето на одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши, за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, велат од Владата.