Мукоски за Милошоски: Добро знам во која барака под наем живееше во 2002 година, а колку имот има сега

Од:

Експратеникот Крсто Мукоски обвинувањата од пратеникот Антонијо Милошоски дека е во сојуз со Заеви ги нарече шпекулации без докази, а протестите кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ за исправање на неправди ги нарече: „По свадба, тапани“. Мукоски за „А1он“ вели дека неговото име, како и имињата другите пратеници кои гласаа за уставни измени, се користат само за добивање на ситни политички поени. Тој го обвинува раководството на ВМРО-ДПМНЕ за безидејност, саботирање на протестите кои биле организирани од претходното раководство против прогон на луѓе, како и за минирање на Законот за амнестија, кој и тие го гласале. Поранешниот пратеник, Муковски, повикува да се организира Конгрес за членовите и делегатите изберат кој е најдобар кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ваквите настани како вчерашниот кажуваат само дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ прави груба злоупотреба на членството и си игра со чувствата на луѓето кои имаат мака. Целта е една, да се добие некој политички поен во овие услови на внатрешно пребирање и да се остане на трнот на партијата. Тие за таа цел го користат моето име и името на осуммината пратеници. Ако добро погледнете, уставните измени се изгласаа со 81 глас. Немаше ниту еден пратеник кој што беше против. ВМРО-ДПМНЕ за жал избега од сите процеси. Основниот фундамент кој беше Евроатланските интеграции и сојуз со САД, ова раководство го изигра. Скршна во сосема обратен правец. Доколку ВМРО-ДПМНЕ излезеше со некаков концепт каде треба да се движи државата, што треба да се направи, тогаш ќе беше добро. Тогаш луѓето ќе можеа да судат. Но со бегање од процесите без став, за потоа, да се критикува е малку жална ситуација. Луѓето кои ги праќаат да даваат такви изјави, не би сакал да ги коментирам. Нив добро ги познавам бидејќи сум од 1990 година во ВМРО, па добро знам кои беа во 2002 година, во која барака од Влада живееше Антонио под наем, па колку имот има сега и така натаму. Во такви игри, не би сакал да навлегувам“, вели Мукоски за „А1он“.

Судејќи по чекорите кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ, Мукоски вели дека самиот врв на партијата е во сојуз со Заев и СДСМ, а не други луѓе. Тој вели изминативе години молчеле бидејќи не сакале да наштетат на партијата, но настапите на ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека партијата е во сестрински односи екстримистичката партија Златна зора од Грција и радикалите на Шешељ.

„Ова ми изгледа како по свадба-тапани, што би рекол народот. Кога на оние кои беа прогонувани им требаше поддршка и организиравме протести, токму ова раководство ги саботираше тие протести во два наврати. Кога имаше разговори во Собрание, во телото за помирување под покровителство на меѓународната заедница и кога сите партии учествуваа, ова раководство ги минираше тие преговори. Кога се креираше Законот за амнестија, во кој учествуваа сите партии, ВМРО-ДПМНЕ го минираше и тој закон и не учествуваше во неговата изработка, за на крајот, истиот тој закон кој сега го критикуваат и со кој беа амнестирани повеќе од 25 луѓе, го гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мукоски за протестите кои вчера ги одржа ВМРО-ДПМНЕ.

Легален и легитимен конгрес на кој ќе се изјаснат сите членови и делегати, според Мукоски е излез од ситуацијата во која се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврди дека со ова раководство и начинот на делување, многу луѓе се оддалечиле од партијата.

„Жалам поради тоа што сето ова се случува. Но, раководството нема идеја и концепт, туку се само уплашени бидејќи секој ден се повеќе членови кажуваат дека ова не е ВМРО кое што треба да биде. Тие користат секакви методи за да добијат политички поен. ВМРО-ДПМНЕ може да се стабилизира и да оди кон ЕУ, да направи национално помирување, да имаме консензус за националните прашања, само ако ги прибере сите членови. Или што би рекол Мицкоски на првиот говор во Валандово кога беше избран: ‘Сите зрна во амбарот’, додава Мукоски за „А1он“, кој додава дека би се залагал за партијата ако се случат овие промени.

Би можело да ве интересира

Италијанскиот амбасадор Карло Ромео и врачи орден за заслуги на Владанка Авировиќ

Ана Ололовска

Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ: Срамно е што Мицкоски нема доблест да го признае дебаклот

Жарко Настоски

Независната пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го осудија објавувањето на снимките: Средбата со Мицкоски беше во канцеларијата на Мицевски

Ана Ололовска

Нова снимка: Мицкоски ги убедувал исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат за Законот за јавно обвинителство

Кристијан Ландов

Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ: Дволичноста и лицемерието на Христијан Мицкоски сега ги слушна и јавноста

Ана Ололовска

Независна пратеничка група: Оди си, Христијан Мицкоски!

А1он