Транспарентност Македонија во месечниот извештај за април предупредува на двојните аршини на Државната комисија за спречување на корупцијата при проверката на имотната состојба на функционерите во зависност од нивната политичка припадност.
Од Транспарентност Македонија укажуваат дека и покрај тоа што во повеќе наврати посочиле дека актулени функционери не поднеле анкетен лист за нивната имотна состојба, од Комисијата не ги презеле законските пропишани мерки.
-Најнов скандал за такво недозволиво однесување, но и за пристрасност, самоволие и послушност кон власта, е случајот кога ДКСК експресно постапи по претставката поднесена од ВМРО-ДПМНЕ против кандидатот за градоначалник на опозицијата Андреј Жерновски (сегашен градоначалник) за наводно нецелосно пријавување на имотната состојба, за што експресно ја извести јавноста. Меѓутоа, Комисијата не најде за потребно да реагира и по претставката поднесена од СДСМ за нецелосно пријавување на имотната состојба на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески, за кој јавно беа презентирани документи дека располага со имот што не го пријавил.
– Подоцна и самиот Талески потврди дека имал уште ден стан што не го пријавил, “бидејќи не знаел дека треба, бидејќи за него плаќал кредит” (?!). Покрај ова, од анкетниот лист се констатира дека г. Талески не пријавил ниту дека поседува трансакциона сметка преку која прима плата. Оваа претставка, како и признавањето на г. Талески дека поседува непријавен недвижен имот не предизвика никаква реакција на ДКСК, која за овој случај не се потруди ниту да ја извести јавноста дали ќе ги преземе законски пропишаните мерки од чл. 36 и ќе поведе постапка за испитување на потеклото на имотот, како што тоа го направи за г. Жерновски. Активностите на ДКСК по оваа претставка се сведе само на соопштение на нејзината веб страна дека “ДКСК отворила предмет по претставката” без за тоа да ја извести јавноста, пишува во новиот извештај на Транспарентност Македонија.
Од невладината организација предупредуваат дека со ваквиот кадровски состав и со неработењето, ДКСК ја доведува во прашање смислата на постоењето на овој орган, кој не ужива ни најмала доверба кај граѓаните, а сервилно ја злоупотребува својата функција за потребите на владеачката гарнитура.
Од Транспарентност Македонија известуваат дека Комисијата не реагирала ниту за на брзина „спакува“ финансиската приказна за „Скопје 2014“, во пресрет на најавената финансиска ревизија на проектот од страна на новиот градоначалник Жерновски.
-Во целото брзање, власта заборави да го уточни и збирот на самите објавени суми, како и да се „договори“ со авторите на некои проекти колку, всушност, чини нивната милионски (во евра!) хонорирана уметничка услуга, што потоа беше предмет на деманти од самите автори на хонорираните трудови.
– Иако крајно проблематични во смисла на нивната точност, и вака објавените цифри се фрапантни: на пример, крајно неразумно и неодговорно е да се потрошат повеќе од 20 милиони евра за само два споменика – оние на Александар и Филип; други десетици милиони евра за бројниот државен споменичен кич распореден низ центарот на Скопје (десетици од нив поставувани среде ноќ, како да се работи за обележја на некои сомнителни лица, а не за заслужни граѓани), или 9,3 милиони евра за барокна фасада на Владата; само завесите во Стариот театар чинат неверојатни 581.000 евра! Впрочем, јавната набавка за зградата на Стариот театар беше објавена на 6 милиони евра, за таа сума сега да надмине неверојатни (но не и конечни!) 36 милиони евра. И така натаму и на тоа слично.
Целата оваа милионска контроверза не предизвика никаков интерес ниту кај ДКСК, ниту кај Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, надлежни за проверка на фактите.
Наменското, законско, рационално и одговорно трошење на буџетските пари е законска обврска за буџетските корисници. Секое однесување спротивно на овие принципи е казниво. ТМ ги повикува надлежните државни институции – ДКСК, Јавното обвинителство и Државниот завод за ревизија, да престанат да се однесуваат како соучесници и да ги преземат пропишаните законски мерки од нивна надлежност за покренување постапка за утврдување на одговорноста на лица од Општината Центар, Градот Скопје, Минстерството за култура и други за нерационално и незаконско трошење на парите на граѓаните за проектот „Скопје 2014“, пишува во извештајот на ТМ.
Од невладината укажуваат и на „нерационалното и недомаќинско трошење на буџетските средства со ексклузивните патувања тнр. “роуд шоуа” – на премиерот Никола Груевски, неколку министри и дузина државни службеници во лов по „нови странски инвестиции“, после кои во изминатите 7 години нема речиси никакви економски и инвестициски резултати“.
-Според Народната банка на РМ, странските директни инвестиции во земјава во 2012 г. изнесуваа едвај 105 милиони евра, додека во исто време странските инвеститори вложиле стотици милиони или милијарди евра во соседните земји, каде нивните влади не практикуваат никакви скапи „роуд шоуа“, туку спроведуваат вистински економски реформи и обезбедуваат повисок степен на владеење на правото од оној во Македонија. Откако сериозните странски инвеститори ќе ги проверат на интернет економските и политичките состојби во земјава, како и вистинските, а не скапо платените 5 рекламни услови за инвестирање во Македонија, решаваат своите пари да ги вложат на друго место.
– На пример, во Извештајот на Стејт Департментот за човекови права за 2012 г. стои дека “Македонската влада се меша во другите гранки на власта и во медиумите и се пресметува со политичките противници” и дека “најкритичен проблем е владиниот неуспех целосно да не се почитува владењето на правото, мешањето во судството и медиумите, селективното гонење на политичките противници на лидерите во државата, како и значителните нивоа на владина корупција и полициска неказнивост”, стои во најновиот извештај на ТМ.
Државна комисија за спречување на корупцијата според ТМ и во овој изборен циклус беше институцијата која остави силен негативен белег зашто не го го санкционираше незаконското инволвирање на државните ресурси во изборната кампања на владејачките партии.
-Тоа се однесува на купишта народни пари изборно потрошени за разни популистички проекти, за разновидни форми на купување социјален мир и гласови, за отпишувањето долгови на фирмите за неплатени придонеси кон државните фондови, за масовните вработувања во екот на изборната кампања, за предизборно и изборно склучување разни договори за изведба на јавни работи и што уште не. Ваквата брутална злупотреба на државните ресурси ја видоа сите, но единствено ДКСК тоа не го забележа, пишуваат од ТМ.
Од ТМ посочуваат и на Министерството за внатрешни работи и улогата во изборниот процес.
– Нема никакви дилеми дека манипулациите со избирачкиот список не ќе можеа да се направат доколку МВР тоа не го овозможел со незаконското издавање на лични карти во однапред планирани општини. Кои се тие општини и колкав е бројот на ваквите злоупотреби, ќе се дознае по заминувањето на оваа власт. Ако се земе предвид дека личната карта се издава врз основа на податоците за живеалиштето на граѓаните, тогаш МВР очигледно ги злоупотребило своите надлежности и незаконски им го регулирало статусот на жители на луѓе во бројни општини во Македонија. Имено, чл. 2 од Законот за пријавување на живеалиштето гласи:
“Живеалиште е местото во кое граѓанинот се населил со намера во него постојано да живее и во кое има обезбедено стан за живеење. Се смета дека граѓанинот има обезбедено стан за живеење, во смисла на овој закон, ако тој или член на неговото семејство има вселив стан по основ на сопственост или договор за закуп на стан во согласност со законот.“
Членот 11, пак, од истиот Закон гласи:
“Контрола на пријавувањето и одјавувањето на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, односно на пријавувањето на промената на адресата на станот врши Министерството за внатрешни работи. Кога Министерството за внатрешни работи ќе утврди дека пријавата за живеалиштето, односно престојувалиштето, како и промена на адреса на станот содржи невистинити податоци донесува решение за поништување на пријавата и бришење на лицето од евиденцијата за живеалиштето.“
ТМ смета дека во манипулациите со местото на живеење се содржани елементи на кривични дела од областа на изборите и гласањето, како и злоупотреба на службената положба и овластување, велат од ТМ.