Царовска: Нема целосен бојкот на наставата во ниту едно училиште

Од:

Министерката за образование и наука Мила Царовска, во врска со најавите за бојкот на наставата рече дека во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, туку само одделни ученици ја бојкотираат наставата.

– Во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, тоа се поедини ученици кои јас сум сигурна, следејќи го трендот на пријавување и среќата кај учениците која се јавува и покрај онлајн наставата, дека ќе се приклучат на наставата. Поминаа само два дена, тоа се два дена со класни часови, каде што учениците се прилагодуваат, секоја нова одлука или менување на начинот на живеење е тежок, јас сум сигурна дека сите полека ќе се прилагодат, рече Царовска.

Таа истакна дека сепак доколку се појават недостатоци во учењето, како Министерство, заедно со Бирото за развој на образованието, имаат обврска за надополнување на тоа учење.

– Дали ќе одлучиме за летниот период да имаат некои часови, дали ќе одлучиме во наредната година да имаме надополнување на часовите кај оние ученици кои ќе се јави недостиг на знаење, ќе се договориме заедно со Бирото. Сега е важно да оди учебната година на начин на кој што е поставен и со проценките на наставниците и директорите да видиме дали имаме потреба од дополнителна настава некаде, затоа што е важно учениците во континуитет да се стекнуваат со знаење, потенцира Царовска.

Во однос на најавата на директорот на едно средно училиште во Дебар дека ќе организира настава со физичко присуство иако не доби одобрение за тоа и дали има начини за санкционирање за оние кои нема да ги почитуваат одлуките, Царовска вели дека можности за санкционирање согласно законот постојат.

– Секако можности за санкционирање постојат согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат затоа што се во интерес на јавното здравје на населението. Јас разговарав со градоначалникот, тоа е поедин став на директорот, градоначалникот потврдува дека прием на ученици со физичко присуство во таа гимназија нема да се случи, туку дека ќе се почитува одлуката на Владата, децидна е Царовска.

И Министерството за здравство утрово апелираше дека најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата.

– Сите одлуки кои ги носи комисијата се интерес на заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни, порачува Министерството.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови