Косовскиот амбасадор во Албанија, Сулејман Селими и 16 други припадници на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) се под истрага на Еулекс поради сомнеж за извршени воени злосторства, објави порталот Индексонлајн.
– Доколкусе оди според предвидувањата на истражните органи, споменатите лица во јуни може да бидат уапсени, наведува порталот повикувајќи се на изјава на претставник на Мисијата на ЕУ во Косово, кој побарал да остане анонимен.
Како што јави дописникот на МИА, според истиот извор, Селими, познат под прекарот „Султани“, кој е поранешен командант на Генералштабот на ОВК, и 16 негови соборци се товарат за тортура, насилство и малтретирање на цивили за време на конфликтот во Косово.
Истиот извор додава дека истражителите на Еулекс сослушале повеќемина од осомничените и многу наскоро се очекуваат конкретни резултати за овој случај.
„Султани“ по расформирањето на ОВК стана командант на Косовските безбедносни сили, а лани косовскиот премиер Хашим Тачи го наименува за амбасадор на Косово во Албанија.