Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, заедно со сопругата Маја и синот Иван, денеска, по повод 15 мај, Меѓународниот ден на семејството, го посетија семејството Петровски во скопската населба Драчево, кое во моментов згрижува четири социјално загрозени деца.
Топлината на домот на 66-годишната Трајанка Петровска во изминатите 28 години ја имаат почувствувано околу 50 деца. Вели дека грижата за нив ја исполнува и и дава здравје и виталност.
– Имав ќерка која почина на 15 години и поради тоа се одлучив да чувам деца, покрај моите четири. Се пријавив во социјално да бидам згрижувач на деца, за здравје на моите деца. И ден денеска чувам и ќе чувам се додека ме држи здравје. Ќе продолжам да чувам, без разлика дали е мало или поголемо дете. Ги прифаќам сите деца. Ме исполнува тоа што чувам деца. Ми дава здравје, виталност, енергија. Се грижам за нив, чистам, перам, ги бањам, ги носам во училиште, вели Петровска.
Најмалиот член на семејството има девет месеци, додека најголемиот член е на 13-годишна возраст. Дел од децата што ги чувала во изминатите години се веќе во брак, имаат свој дом и вели дека често ја посетуваат. Традицијата на чување деца ја продолжува и семејството на нејзиниот син Оливер, кој денеска го запозна претседателот Иванов со нивната хумана мисија.
Македонскиот претседател, изразувајќи почит кон делото на семејството Петровски, укажа дека бескрајната хуманост на овие луѓе е пример за сите наши граѓани.
– Македонија од секогаш била земја во која сите се помагале меѓусебно, ги споделувале своите радости и маки. Македонците насекаде се познати по добрина. Вашето семејство е еден восхитувачки пример за тоа, порача претседателот Иванов во домот на семејството Петровски.
Тие од семејството Иванови добија пригодни подароци, неопходни за задоволување на нивните секојдневни потреби.
Искажувајќи ја својата желба за куќа полна со деца, Трајанка Петровска вети дека се додека е во можност ќе им пружа грижа на оние на кои им е најпотребна.