Учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата од четврток треба да ја следат со присуство во клупите. За основците од повисоките одделенија и за средношколците, учебната 2020/2021 година ќе почне со онлајн-часови преку националната платформа за учење од далечина.
Исклучок се 169 основни (главно подрачни училишта со помалку ученици) и четири средни училишта во кои учебната година ќе почне да се реализира со физичко присуство за сите ученици. Но овој број не е конечен зашто владината комисија што дава одобренија постојано разгледува барања од општините како нивни основачи.
За настава со физичко присуство треба да бидат исполнети условите – пред сè стабилна состојба со КОВИД-19 во општината, и просторен капацитет согласно со протоколите – училниците (со стандардна големина) да може да прифатат до 20 ученици на растојание од најмалку 1,5 метар и да нема раздвиженост на поголем број ученици по ходниците и на влезовите. Учениците треба да носат заштитни маски освен за активности надвор од училницата и за време на оброк.
Паралелките со повеќе ученици е предвидено да се поделат во две групи, а во Планот на Владата за одржување на наставата во основните и во средните училишта во 2020/2021 е утврдено и како да се организираат смените (исто како и за онлајн-наставата).
За тие што ќе бидат присутни во училница, МОН во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ и УСАИД изработи видео за да ги прикаже протоколите на кои треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите со враќањето на децата во училниците.
Според министерката Мила Царовска, наставата е динамичен процес и важно е приспособување, а во зависност од епидемиолошката состојба може да се менува моделот на учење, така што и сегашниот број на училишта што добиле согласност од владината комисија за организирање настава со физичко присуство ќе се менува во текот на учебната година.
Планот на Владата предвидува дека основачите на училиштата (општините) најдоцна до секој 10-ти во тековниот месец ќе треба да ги доставуваат до комисијата барањата за настава со физичко присуство со образложенија за исполнетост на условите. Комисијата во рок од седум дена, врз основа на исполнетоста на критериумите, ќе доставува предлог до Владата за давање согласност.
Поголемиот дел од учениците и наставниците, сепак, ќе комуницираат на далечина. Единствената национална платформа за онлајн-учење www.schools.mk, како што беше истакнато на презентацијата, е едноставна за користење за што беа обучени 1600 наставници кои потоа ги обучуваат своите колеги-наставници. Министерството за образование и наука викендот испрати кориснички лозинки до училиштата за пристап до платформата, но таа вчера беше недостапна за вклучување. Од МОН соопштија дека постојано се работи на тестирање за нејзина оптимизација за да биде целосно функционална до 1 октомври.
Платформата е изработена во соработка со ФИНКИ и е предвидено да ја користат 260 000 ученици и околу 25 000 наставници од основните и средните училишта. Содржините се на пет наставни јазици (македонски, албански, турски, српски и босански), а е креирана така што и самите ученици ќе може да ја дополнуваат и да ја надградуваат.
За децата кои немаат ИТ-уреди во домашни услови, а според МОН се работи за околу 40 илјади ученици, ќе има алтернатива за следеење на наставата. Според владиниот План, за нив ќе се организира настава со физичко присуство во училиште, доколку тоа има дозвола, но и со согласност од родителите/старателите. Ако нема согласност од нив, ќе бидат обезбедени печатени материјали кои наставниците ќе им ги достават на родителите. За овие деца ќе се емитуваат и видеа од наставен час на Македонската радио-телевизија.
Онлајн-наставата е веќе и законски регулирана откако беа изгласани измените на законите за основно и за средно образование на кои се чекаше да се состави и профункционира Собранието за да може одложено и невообичаено да почне учебната година. Првпат има исклучоци од редовниот воспитно-образовен процес за наставата да може непречено да се организира и во вонредни околности, како што е пандемијата со КОВИД-19.
Законските измени овозможуваат исклучоци во однос на почетокот и завршувањето на учебната година во вонредни околности и кратење на наставните денови во учебната година од 180 на најмалку до 100, а наставниот час да трае пократко – во основното образование 30 минути во наставата со физичко присуство и 30 минути час со пет минути приклучување – за наставата со учење на далечина. Во средното образование времетраењето на наставниот час е 35 минути.
Од МОН нагласуваат дека предизвиците на пандемијата ја потврдиле важноста од дигитална трансформација на традиционалното образование, а дигитализацијата и поголема застапеност на е-учебници во наставата е и меѓу главните образовни приоритети на Владата во програмата за работа во наредните четири години.