Граѓанската организација „Аваја“ на Фејсбук објави снимка од Битола на која се гледа како двајца полицајци со тупаници и со клоци удираат момче од ромска националност во центарот на градот.
Од „Аваја“ за „А1он“ велат дека снимката им ја испратил битолчанец кој се нашол во времето кога полицајците брутално го претепале момчето. Тие го повикаа МВР на одговорност за, како што велат, полициската бруталност врз ромското население.
„На снимката се гледа дека момчето не пружа отпор, не е насилно, ниту пак се обидува да бега за да го удираат вака брутално. Дури и да се спротиставил, немаат право вака да го тепаат, ова е класично насилство врз ромското населние. Се уште немаме информација за нападнатите лица, а колку што забележавме на местото на нападот има 3 момчиња и не знаеме дали сите се тепани. Работиме на нивно идентификување по што ќе поднесеме претставка со Секторот за внатрешна контрола при МВР да поведе постапка против полициските службеници кои безмислосно го претепаа ова момче од Битола. Ќе се обратиме и до канцеларијата на Народниот правобранител затоа што сме свесни дека ова е брутално кршење на основните човекови права“, вели Елвис Шаќири од организацијата „Аваја“.
Од таму додаваат дека ќе вршат притисок до МВР се додека не се санкционираат службениците кои ги прекршиле овластувањата и си зеле за право да тепаат граѓани на улица.
Попладнево за инцидентот се огласи и МВР, со информација дека е утврден идентитетот на полицајците кои учествувале во претепувањето.
„Во врска со видео материјалот што денеска (24.09.) беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана,“ се вели во соопштението од МВР.