Претседателот Стево Пендаровски преку видеопорака се обрати на Генералната дебата на 75-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, кое годинава, поради пандемијата, се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на светската организација во Њујорк.
„Како мала држава во југоисточна Европа, внесовме дополнителна стабилност во регионот решавајќи, со посредство на ОН, еден комплексен спор со нашиот сосед Грција. Сега договореното го спроведуваме во добра верба, од што корист ќе имаат и нашите две држави, но и регионот во целина. Истовремено, подготвени сме, сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти, за што значаен пример е Договорот за добрососедство и соработка со нашиот сосед Република Бугарија.
За жал, нашиот регион се уште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесеттите години на минатиот век. Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација,“ рече меѓу другото претседателот Пендаровски во обраќањето.
Видеопораката беше емитувана во салата на Генералното Собрание на ОН, каде што присуствуваа претставници на секоја од земјите-членки.