По пауза од неколку месеци поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, Националната опера и балет ќе одржи гала оперски концерт и балетска претстава на отворено, насловен како „Опера и балет под ѕвездите“.
Како што соопштија од Националната опера и балет, во петок, 25 септември, од 21 часот на платото пред НОБ ќе се одржи ексклузивен оперски гала концерт со солистите Сандра Митровска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Владимир Саздовски – бас, во придружба на Оркестарот при Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Во вториот дел, публиката ќе има можност да го проследи балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвена во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца.
Од НОБ соопштија дека влезот за публиката ќе биде отворен во 20.30 часот. Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани на отворено, одобрени од Комисијата за заразни болести.
Билетите во строго ограничен број се пуштени во продажба онлајн.