Археолози од НУ Завод и Музеј-Битола открија нова базилика на западниот дел од античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, во непосредна близина на амфитеатарот.
Археологот во битолскиот Завод и Музеј Аница Ѓоргиевска изјави дека се работи за трикорабна базилика со трем која, за разлика од претходно откриените три базилики, важи за една од најистакнатите и најзначајните базилики во Хераклеја.
– Базиликата не е целосно откриена, но веќе е забележливо дека станува збор за еден маркантен објект во должина од 30 метри, кој во северниот кораб, според досега откриеното, достигнува и до 4 метри длабочина. Базиликата, најверојатно, потекнува од ранохристијанскиот период од 4-тиот до 6 век, кога Хераклеја Линкестис била епископско седиште, посочи Ѓоргиевска.
Новооткриениот објект наскоро ќе и биде претставен на јавноста и ќе се извршат конзерваторски работи за подобра заштита на базиликата.