Борба против сиромаштијата, грижа за ранливите и возрасните

Од:

Борба против сиромаштијата која ги намалува шансите за пристоен живот и на следните неколку генерации, која ги „осудува“ децата и младите на несоодветно образование и здравствена заштита и ги остава на цедило возрасните во годините кога помош најмногу им е потребна, ќе бидат приоритети на Владата во овој нов мандат.

Ќе се работи на намалување на стапката на сиромаштијата под 16 отсто со посебен акцент на детската сиромаштија.

Преку Концептот “Општината се грижи“ ќе создаваат нови услуги, но истовремено ќе се обезбедат нови работни места во овој сектор, отворање на канцеларии на центрите за социјална работа во секоја општина на територијата на државата и секој центар за социјална работа ќе формира интервентен тим што ќе постапува 24/7, по примерот на Скопје.

Приоритети ќе бидат и донесување закон за самостојно движење со куче водич и мобилна апликација за олеснето функционирање на слепите лица, а за полесно остварување на своите права сите лица кои што се регистрирани во националниот регистар на лица со попречености ќе имаат единствена идентификациска картичка преку која ќе имаат бесплатен пристап до услуги. Ќе се работи на ратификација на Договорот од Маракеш во насока на остварување на правата на лицата со попреченост, како и целосно нов закон за вработување на лица со попречености, воведување на професионална рехабилитација платена од државата и изработка на национален регистар на лица со попречености.

Заради навремена и соодветна грижа за децата со попреченост ќе се воведат пет регионални комисии за функционална проценка на овие деца, а како подршка на инклузивното образование ќе се воведуваат сензорни соби и соби за релаксација во градинките и училиштата.

Државата ќе работи и на отворање Центар за повозрасни деца/ лица со аутизам во Скопје, ќе се намалува возрасната граница за користење на услугата за лична асистенција на 6 години, а во соработка со патронажната служба секое семејство со дете со попреченост ќе добие интензивна индивидуална поддршка и едукација во првите 12 месеци.

Ќе се зајакнува улогата на центрите за деца со посебни потреби на примарното ниво на здравствена заштита и давање на физикална терапија дома кај децата со посебни потреби и кај лицата со инвалидитет, а ќе се анализира и можноста за интеграција на овие центри со дневните центри кои ги основаат општините на локално ниво.

Грижата за семејството останува важна цел. Поради тоа ќе се основа државен фонд за исплата на законска издршка на деца во ситуации кога едниот родител по развод не ги исполнува законските обврски.

-Грижата ќе ја направиме поефикасна преку силна дигитализација. Граѓаните повеќе нема да одат по шалтери да собираат документи за остварување на надоместоците од социјалната заштита. Министерството самото ќе ги презема документите од надлежните инсистиуции од другите министерства, а сè со цел на граѓаните да им се заштеди времето и парите кои ги плаќаат за вадење на документите. Ќе ја спречиме злоупотребата во системот на социјална заштита преку задолжително пријавување на приходи остварени во странска држава, најавуваат од Владата.

Целта е да се искорени детската сиромаштија и да се постигне 60 проценти опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година. Се најавува дека до крајот на 2023 ќе бидат обезбедени најмалку 7.500 места за деца во градинките во Лозово, Василево, Боговиње, Студеничани, Делчево, Битола, Гевгелија, Куманово, Чаир, Струмица, Дебар, Гостивар, Свети Николе, Тетово, Теарце, Неготино, Ѓорче Петров, Новаци, Брвеница, Пробиштип, Валандово, Арачиново, Карпош, Гостивар, Липково, Крива Паланка, Ресен, Кочани, Кисела Вода, Сопиште, Сарај. За сите деца од семејства со ниски приходи треба да биде обезбедено бесплатно згрижување.

Секоја година, ќе се распишува посебен конкурс за објавување на најмалку 10 нови наслови за деца и тинејџери. За секое дете, членството во библиотека ќе биде бесплатно, според владините ветувања.

Во следниот период ќе се работи на озбезбедување дом за секое дете, а додатокот за семејна грижа во згрижувачки семејства ќе биде зголемен за 30 отсто. Се размислува за воспоставување центар за деца со високоризично однесување кои се во мали групни домови заради заштита на останатите деца и заради пофокусирана работа со нив.

Владата најавува дека посветено ќе работи на подобрување на квалитетот на живот на старите лица и обезбедување достоинствена старост преку стабилен пензиски систем за сегашните и идните пензионери, нова повисока минимална пензија која ќе изнесува најмалку 10.700 денари за сите, создавање на законска можност за докуп на стаж со цел стекнување на право на пензија, обезбедување грижа од заедницата кон возрасните преку воспоставување локални услуги за грижа и нега, овозможување флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија, развој на локалните услуги и ја поддршка за грижата во заедницата кон возрасните.

Исто така, ќе се разгледаат можностите за проширување на опфатот на лица-корисници на државна социјална пензија, ќе се проширува програмата за бањско-климатска рекреација, а ќе се работи и на воспоставување 10 центри за активно и здраво стареење, со програми кои ќе се грижат за менталното и физичкото здравје, социјализацијата и меѓуврсничката комуникација на старите лица.

Би можело да ве интересира

Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија

Катерина Ѓуровски

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Демократско движење: Додека Владата експериментира, сиромаштијата само расте

Горан Наумовски

Четвртина од населението во Македонија не може да си го загрее домот: Енергетската сиромаштија се зголемува

A1on

Речиси петтина од населението на Хрватска во ризик од сиромаштија

А1он