По 20 години од обиди за надминување на спорот со името, дојде време конечно да се затвори ова прашање кое кое практично нема суштина, и е главна пречка за евроатланската интеграција на Македонија, вели Робин О Нил – преговарач во грчко македонскиот спор.
За таа цел, искусниот дипломат во интервју за програмата „Гласот на народот„ на националниот канал ТВ Сонцевели на земјата и стојат на располагање повеќе правни чекори, од кои треба да се избере оној за кој постои најголема веројатност за успех.
Тој го коментита предлогот на истакнатиот меѓународен адвокат, професор Игор Јанев, земјата да достави барање до Генералниот секретар на ОН на следнато Генерално собрание на Светската организација на дневен ред да вклучи ставка која бара Меѓународниот суд на правдата да даде свое мислење за законитоста на условите наметнати на Македонија за време на нејзиниот прием во ОН во 1993 година да го прифати привременото име ПЈРМ и да преговара со Грција за своето име.
– Ова е важен предлог. Дали е во најдобар интерес за Македонија да продолжи со тоа, според мене, Македонија има три приоритети во надворешната политика – да ги одржи добрите односи со своите соседи, да добие целосно меѓународно признавање на името по свој сопствен избор и да стане членка на ЕУ и НАТО. Членството во поголемите европски организации, НАТО и ЕУ, е од големо значење за Македонија како од економски така и од политички причини. Земјите-членки на ЕУ, пак, стануваат се повеќе свесни за потребата да се направи напредок со апликацијата на Македонија за членство во Унијата како што продолжува процесот на отворање преговори со други држави во регионот на Балканот. Се признава дека интересите на целиот регион и на самата ЕУ се Македонија да не биде изоставена, а тоа е силно потврдено во еден неодамнешен извештај на комитетот на ЕУ од Горниот дом на Британскиот парламент. Сметам дека Владата на Македонија треба упорно да преговара со членките на ЕУ за тоа дека иднината на Балканскиот регион бара сите останати држави од регионот сега да бидат примени во ЕУ, и дека ќе биде лошо за стабилноста на регионот и нејзиниот просперитет само Македонија да биде исклучена. Меѓутоа, пречка останува одбивањето на Грција да се започнат преговори со Македонија, вели О Нил.
Тој потсетува дека според Времената спогодба за регулирање на односите меѓу Македонија и Грција од 1995 година, Грција се согласи дека нема да се противи Македонија да аплицира за членство во ЕУ или во НАТО доколку тоа го прави под името ПЈРМ. Укажува и на одлуката од Меѓународниот суд на правдата со која се потврди дека Грција е обврзана да се придржува кон овој член од Времената спогодба.
– Сметам дека сега е отворен патот за Владата на Македонија да поднесе официјално барање за членство во ЕУ или НАТО, или и двете под името ПЈРМ за да се тестира подготвеноста на Грција да ги почитува своите обврски, и навистина подготвеноста на другите членови на ЕУ да кажат дека Грција нема друг избор освен да ја почитува оваа обврска и дека тие сега ќе продолжат со отворање преговорите со Македонија. Меѓутоа, може да се предвиди реакцијата од сегашната влада на Грција бидејќи доколку го направи ова ќе го загрози нејзиниот политички опстанок, а со тоа и способноста на Грција да ја извршува својата програма за економски реформи кои се од големо значење за еврозоната и за одржување на еврото. Дали во овие околности, членките на еврозоната ќе бидат во можност да ги надминат овие таканаречени стравувања од страна на грчката влада? Исто така, доколку Македонија аплицира за членство во ЕУ под името ПЈРМ преговорите ќе траат неколку години, и во текот на тој период Македонија ќе мора да прифати дека за голем број држави нејзиното формално меѓународно име ќе продолжи да биде Поранешна Југословенска Република Македонија, вели британскиот експерт.
Во однос на целосното меѓународно признавање на уставното име на Македонија, и каква улога играат ОН во тоа, О Нил вели дека професорот Јанев создаде моќен случај за тоа дека ОН немаат право да наметнуваат услови за прием на Македонија во ОН согласно Повелбата, според која држава која ги исполнува условите за членство, има право да се приклучи кон ОН, без наметнување услови. Дополнително, додава, ОН немаат надлежност врз името на Македонија, бидејќи име избрано од страна на држава е прашање кое се решава под домашна надлежност. Меѓутоа, останува фактот дека, сепак, во 1993 година, во исто време освен своите забелешки по ова прашање, Македонија прифати нејзиниот прием во ОН, да биде под привремено име ПЈРМ „во очекување на решавање на разликите околу името на државата“.
– Нема сомневање дека Владата на Република Македонија, според моето мислење, сосема со право, во тоа време му даде највисоко значење на добивање членство во ОН и беше обврзана да ги прифати овие услови. Тие подразбираа влез со обврска за преговори со Грција околу тоа како треба да гласи името на Република Македонија во иднина. Такви преговори беа отворени под покровителство на ОН, и многу години Метју Нимиц се обидува да се најде име прифатливо за двете држави кое би довело до решавање на спорот, вели О Нил.
За тоа пак, што поминаа повеќе од 20 години и не е постигнат никаков напредок, О Нил заклучува дека основните причини поради кои Грција се противи Македонија да го користи тоа име се покажаа како неточни, а тоа е оти користењето на нејзиното уставно име имплицира територијални претензии кон Грција, и оти може, на некој начин, да ја дестабилизира Грција.
Според него, и грчките тврдења дека Грција има историско право на името Македонија, немаат никаква правна важност. Многу векови името Македонија означувало многу поголема географска област од било Република Македонија или грчката провинција Македонија, а создавањето на грчката провинција под тоа име е многу блиско минато. Македонија, патем, никогаш не се противела на Грција за именувањето под тоа име на провинцијата.
– Грција, колку што сум запознаен, одби да се согласи со било кое од можните алтернативни имиња за Македонија кои Нимиц побара да ги разгледа. Тешко е да се избегне заклучокот дека вистинската цел на Грција е ова прашање да остане нерешено бесконечно, без заклучок, вели добро упатениот познавач на грчко-македовскиот спор.