Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони денеска ја напушти болницата откако закрепна од Ковид-19, велејќи дека го преживеал „најопасниот предизвик“ во животот.
– Со задоволство си реков – повторно се извлече, им рече насмеаниот Берлускони на новинарите пред вратата на болницата „Сан Рафаел“во Милано, каде што беше примен на 3 септември откако му беше дијагностициран Ковид-19.
Неговиот личен лекар, Алберто Зангрило, минатата недела изјави дека 83-годишниот медиумски тајкун развил пневмонија и се сметал за пациент со висок ризик поради неговата возраст и постоечката медицинска состојба, која вклучува проблеми со срцето.
Зангрило рече дека Берлускони ќе умрел ако се соочел со истите симптоми во март и април, но лекарите научија многу од првичната појава на коронавирусот и сега се подобро опремени за борба против болеста.
Се верува дека Берлускони се заразил додека бил на одмор во својата вила на Сардинија.
– Секој од нас е изложен на ризик да зарази други. Го повторувам мојот повик за максимална одговорност од сите, рече Берлускони.