Со многу помалку проблеми отколку што се очекуваше, „кралот“ Леброн Џејмс и неговите Лејкерси стигнаа до финалето на Западната конференција во НБА со 4:1 во серијата против Хјустон, откако во синоќешниот петти натпревар го збришаа противникот со безмалку 20 поени разлика.
На Рокетс не им помогна ни одличното издание на нивната прва ѕвезда Џејмс Харден, кој стандардно го наполни кошот на противникот, но залудно – ниеден од неговите соиграчи не му се придружи. Расел Вестбрук, Ерик Гордон и Остин Риверс, од кои најмногу се очекуваа поени, заедно имаа 24 коша, што никако не е доволно за сериозен отпор против силните Лејкерси.
Леброн од своја страна имаше 29 поени, 11 скока и седум асистенции, но и многу подобра поддршка од соиграчите. Потфрли Ентони Дејвис, но компензираа Маркиф Морис (16 поени, 4-4 шут за тројки), Дени Грин со 14 поени и резервистот Кајл Кузма со 17 коша.
Лејкерс во финалето го чекаат победникот од дуелот меѓу ЛА Клиперс и Денвер (Клиперси водат со 3:2 во серијата), а шестиот натпревар е закажан за вечерва во 19 часот по централноевропско време.