Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска на работен состанок со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беше брифиран за актуелната состојба во одбраната и во Армијата, по полноправното членство на државата во НАТО.
На состанокот, како што информираат од Кабинетот на Претседателот, биле претставени тековните активности, опременоста, степенот на реализација на трансформацијата и модернизацијата во Армијата, согласно целите и способностите усогласени со Алијансата.
Пендаровски, исто така, бил запознаен за тековното учество на Армијата во операции предводени од НАТО, Обединетите нации и Европската Унија, како и планираните учества во текот на следната година.
Пред него биле презентирани достигнувањата во однос на новата структура на силите, целите и развојот на воените способности на Армијата и согледувања за натамошна трансформација, согласно потребите што произлегуваат од членството во НАТО.
Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, на состанокот истакнал дека со членството во НАТО, одговорноста на Армијата е на многу повисоко ниво и поради тоа мора да продолжи инвестирањето во одбраната. Во тој контекст ја реафирмираше неговата заложба за што поскоро исполнување на зацртаната цел – најмалку два отсто од БДП да се инвестираат во модернизацијата и развојот на Армијата.