Ниту една предизборна анкета за предвремените парламентарни избори не го погоди изборниот резултат. Истражувачите се едногласни во ставот дека доколку се земе предвид можноста за статистичка грешка, нивните анкети не отстапуваат многу од изборниот резултат, но сепак имаше анкети кои јасно укажуваат на убедлива победа на ВМРО–ДПМНЕ, како и анкети кои барем се доближија до реалниот резултат.
Најблиску до резултатот била компанијата за истражување и развој „Стратум РиД“ која на осми јули годинава објави анкета според која коалицијата СДСМ и Беса од граѓаните се перципира како победничка, но и оваа компанија го згреши процентот. Нивната анкета покажа дека СДСМ и Беса имаат стабилна предност, однсно 31 отсто од гласовите во однос на ВМРО-ДПМНЕ за кои анкетата покажала дека ќе добијат 27 отсто од гласовите. Доколку се заеме превид статистичка грешка од плус, минус три проценти, се доаѓа до само еден процент разлика, што оваа анкета ја прави најблиску до реалниот резултат.
Најдалеку од реалниот резултат била анкетата на американската агенција за истражување на јавното мислење „Меклафин“. За потребите на ВМРО–ДПМНЕ тие во јуни спровеле анкета на 2.183 гласачи која покажала дека опозициската партија има два проценти предност пред СДСМ и Беса, односно 29 отсто, наспротив СДСМ и Беса со 27 отсто, а анкетата покажала и дека ВМРО–ДПМНЕ ќе победи во пет од шесте изборни единици. ВМРО-ДПМНЕ победи во две изборни единици.
Институтот „Habeas Corpus“ само шест дена пред изборите, на деветти јули, објави анкета според која СДСМ и Беса имаат 16.8%, ВМРО-ДПМНЕ 20,8% од гласовите. И со статистичка грешка од плус, минус три отсто тие предвидуваат победа на ВМРО – ДПМНЕ кои ги изгубија изборите.
Во анкетите на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) вкупно 21,9 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, коалиција СДСМ и Беса добила поддршка од 19,8 отсто, ДУИ има поддршка од 5,9 отсто, за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива се определиле 4,2 отсто, за Левица, 1,3 проценти и ДПА 0,9 отсто. Анкетата е објавена на седми јули.
Владимир Божиновски, координатор на центарот за истражување на ИПИС, презентирајќи ги резултатите од анкетата во медиумите, гласно предвидуваше победа на ВМРО-ДПМНЕ. Сега вели дека нивниот резултат е во рамки на статистичка грешка и не сака да ги коментира тврдењата дека ИПИС е наклонет на ВМРО-ДПМНЕ кои зачестија посебно по официјалниот изборен резултат.
„Во истражувањето на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) објавено на 07.07.2020 година, разликата помеѓу двете најголеми политички партии во Македонија е 2,1% во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Во истото известување е наведено дека ’сите истражувања на ИПИС се подложни на статистичка грешка која изнесува +/-3%’. Со оглед на тоа дека, според резултатите на Државната изборна комисија, разликата помеѓу двете најголеми политички партии е 0,6% во корист на СДСМ, може да дојдеме до заклучок дека истражувањето на ИПИС е точно, односно е во рамки на статистичка грешка“, вели координаторот Божиновски за „А1он“.
И анкетата на Институтот БИПС – Здружение за безбедносни истражувања, човекови права и слободи покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ и Коалицијата. На прашањето „За која партија би гласале на изборите што ќе се одржат на 15 јули?“, во нивната анкета 24,5 отсто од граѓаните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 21,4 проценти за СДСМ.
Агенцијата Брима Галуп предвиде победа на СДСМ, но голема грешка има во процентите. Во нивното последно истражување 18,7% од граѓаните одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, a на второ место е ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 15,1% од граѓаните. Движењето Беса, иако на овие избори настапи заедно со СДСМ, има одделна поддршка од 2,6%.
„Доколку овие проценти се додадат кон поддршката на СДСМ, разликата меѓу коалицијата СДСМ-Беса и ВМРО-ДПМНЕ изнесува 6,2% во корист на коалицијата која ја предводи Зоран Заев“, стои во анкетата на Брима Галуп објавена десет дена пред изборите.
Реалниот резултат покажа дека СДСМ заедно со Беса има предност од 1,32 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ.
Трошановски: Никој не ги есапи за веродостојни институтите што служат на партиски интереси
Резултати со големи промашувања истражувачите прикажуваа и во сите претходни предизборни циклуси. Комуникологот Марко Трошановски не е согласен на генерализација дека сите анкети се погрешни, но смета дека е потребна корекција на мааните и делегитимирање на оние кои застапуваат партиски интереси.
„Искуствата покажале дека во голем дел случаи е така, но дел од организациите се обидуваат да изградат интегритет и професионалност, без оглед на партиски интереси. И тоа треба да се уважи. Граѓаните препознаваат. Не се сите исти. Долгорочно, долгото игнорирање од страна на експертската јавност, но и медиумите на квази институтите и нивните анкети, исто така допринесува до тоа истите да станат легитимни извори на информации. На пример институтите ’Павел Шатев’ и ‘Димитрија Чуповски’ со години објавуваа анкети, без притоа, никој да не провери дали воопшто имаат канцеларии или кој стои зад нив, а објавуваат резултати од истите. Тоа е многу клучно, бидејќи не се проверуваат изворите на информации, а истите добија легитимитет. Од корен ако се пресече дека тоа се само квази агенции, ќе беше сосема поинаку“, вели комуникологот Трошановски за „А1он“.
Тој смета дека за таквата појава голема е одговорноста кај медиумите оти не проблематизирале доволно. За институтите кои реално постојат, но служат на партиски интереси Трошановски вели дека имаат краткорочна стратегија.
„После еден, два, три, изборни циклуси, никој не верува во вашите резултати, а вашата цена како објективен извор на информација е многу ниска. Освен можноста да се залажуваат институтите или партиите дека тие се тие кои што влијаат на некакво јавно мислење, друга функција – немаат. Реално, не влијаат, никој не ги есапи за веродостојни. И треба да сме свесни дека станува збор за проценти, статистички. И затоа се верува во статистичката грешка. Сите прогнози мора да се толкуваат како прогнози, а не како точен резултат. Во таа смисла има доста агенции што се блиски во тие проценки. Ако една партија има четири отсто рејтинг, а другата пет отсто рејтинг – не може да се каже дека една води пред другата, ако тоа е во рамки на статистичка грешка од три отсто. Тоа е таа манипулација што се прави. Јас би се залагал за корекцијата на овие маани, препознавањето на инструментализираните институти и нивно делегитимирање, едукација на јавност, политички партии, новинари“, вели комуникологот Трошановски.
На десеттите по ред парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ освои 35,89 отсто од гласовите, а ВМРО-ДПМНЕ и други добија 34,57 отсто од гласовите. Коалицијата „Можеме“ победи во три изборни единици, ВМРО-ДПМНЕ и други во две и ДУИ кои освоија 11,48 отсто од гласовите, во една.