Помен за загинатите во бродската несреќа на Охридското Езеро

Од:

Со откривање на новиот споменик и положување цвеќе пред спомен-плочата до самиот паметник денеска беше одбележана 11-годишнината од трагичниот настан што се случи на Охридското Езеро, кога при потонување на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи – државјани на Република Бугарија.

– На секој 5 септември се собираме да оддадеме почит на 15-те бугарски граѓани кои пред 11 години загинаа на Охридското Езеро. На десетгодишнината од несреќата пред мене беше моделот на овој споменик. Денеска тој е реалност. Од една страна тој е уметничко дело достојно за уважување, а од друга тој е симболот што ќе може да го види секој бугарски граѓанин што ќе дојде во Охрид, на ова прекрасно место и да си спомнат на таа несреќа, дел од нашата заедничка историја, рече амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов.

Заменик-градоначалникот на Охрид Ристе Николески во оваа прилика истакна дека срцата на охриѓани се исполнети со тага, а мнислите се со најблиските на жртвите во несреќата.

– Тој ден и датумот 5 септември засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Охрид и како поука дека треба постојано да се надградуваме за да не се случуваат такви немили анстани. Сите години правиме се за да ја подигнеме безбедноста во водите на Охридското Езеро и тоа ќе продолжиме да го правиме и понатака. Денеска сме тука за да им оддадеме почит на загинатите пред новиот паметник. Овој чин е само показател на зацврстување на веќе добрите пријателски односи меѓу Македонија и Бугарија, рече Николески.

Ангелов и Николески го открија новопоставениот споменик „Солзата на роза“, дело на архитектот Никола Сметеноски за кој беше истакнато дека ја претставува симбиозата и силната врска меѓу физичкото и духовното минато, иднината, тагата и радоста, стариот и новиот живот. Паметникот има изглед на капка што се дели на два дела, од кои едната оди надолу и симболизира солза, а дтругата нагоре и претставува нов почеток преку симболично испарување на водата. Во капката се испреплетени 15 рози, симболика на 15-те животи згаснати тоа утро.

Споменикот е изработен од оксидирано ковано железо, со боја на метал што изгледа како да е извлечен од вода.

Цвеќе пред споменикот поставија бројни делегации од Бугарија и од Охрид, на Амбасадата на Република Бугарија, на Генералниот конзулат и Државниот културен институт на Бугарија, делегација на Армијата на Република Бугарија, претставници на бугарските општини од каде потекнуваа загинатите, делегација на Општина Охрид, на Капетанијата на пристаништа во Охрид, Здружението на граѓани „5 септември“ од Охрид, бројни граѓани.

Несреќата се случи на денешен ден во 2009 година, во 10:30 часот бродот „Илинден“ што со 57 патници пловеше од Охрид за Свети Наум се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“. Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица. Бродот „Илинден“ беше изваден од дното на езерото и повеќе никогаш не заплови.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on