Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ вечер со почеток во 19:00 часот во амфитеатарот пред Спомен – куќата на Св. Мајка Тереза во Скопје ќе организира свечена академија со која и официјално ќе заврши традиционалната 21. манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“, која годинава е под знакот на 110-годишнината од нејзиното раѓање.
На академијата, која се одржува на денот на упокојувањето на Св. Мајка Тереза, на истакнати хуманисти и здруженија ќе им бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на Св. Мајка Тереза.
Годинешни добитници се: Министерството за здравство на Република Северна Македонија, Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, Детската клиника Козле, заменикот градоначалник на Град Скопје Енвер Маличи, ИДКНА – оддел за Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза, Атиџе Муратовска – главната актерка во филмот „Медена земја“ и Јане Велковски – хуманист.
Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ под водство на проф. Марија Богоевска и оперската певица Серафина Фантаузо. Водител на програмата ќе биде Билјана Дебарлиева.