Во Скопје почнуваат „Денови на Света Мајка Тереза“ по повод 10 години од канонизацијата

Од:

Со свечено отворање кај Порта Македонија, денеска во Скопје ќе започне манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, која ќе се одржува до 5 септември по повод 10-годишнината од канонизацијата на светицата родена во македонската престолнина.

Манифестацијата ја организираат Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов и Заедницата на Хрватите во Република Македонија, Огранок Скопје, а програмата опфаќа духовни, културни и хуманитарни настани посветени на животот и делото на Мајка Тереза.

Како што соопштуваат организаторите, свеченото отворање е закажано за денеска во 19:30 часот кај Порта Македонија. Пред присутните ќе се обрати монсињор д-р Киро Стојанов со излагање на тема „Скопјанката од Калкута која го промени светот“, додека м-р Љерка Тот Наумова ќе говори за животниот пат и хуманитарната мисија на Мајка Тереза.

Програмата ќе продолжи на 31 август во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза, со почеток во 19:30 часот. Предвиден е настап на Серафина Фантауза со „Ave Maria“ од Шуберт, читање избрани цитати од Мајка Тереза на македонски и англиски јазик од м-р Еленора Николовска, како и молитвен дел со Мисионерките на Љубовта од Скопје. На крајот епископот Стојанов ќе го подели својот благослов.

На 1 септември, во Домот на култура „Кочо Рацин“, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи поетска вечер со песни посветени на Мајка Тереза. На настанот ќе настапат Еленора Николовска, Оливера Јовановска, Делвина Крлуку, Виолета Ачкоска, Благојка Филипчева и Љерка Тот Наумова. Во музичкиот дел ќе настапат м-р Јулија Нелковска на виолина и Филип Костов на гитара. Во рамките на вечерта ќе биде поставена и продажна изложба на уметнички дела од македонски академски сликари, подарени на Католичката црква, а приходот е наменет за сиромашните лица, штитеници на Македонски Каритас.

На 3 септември, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во 19:30 часот, ќе се одржи концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во чест на Мајка Тереза, под диригентство на Ерхан Шукри.

Во петок, 4 септември, во претпладневните часови монсињор д-р Киро Стојанов и избрана делегација ќе посетат ранливи семејства и ќе им подарат пакети со храна и хигиенски производи. Истиот ден во 18:00 часот, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, монсињор Стојанов ќе ја предводи светата Литургија, а веднаш потоа дон Давор Топиќ ќе ги сподели своите впечатоци од канонизацијата на Мајка Тереза во 2016 година.

Манифестацијата ќе заврши во сабота, 5 септември, со понтификална света Литургија во 18:00 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Светата Литургија ќе ја предводи монсињор д-р Петар Палиќ, Мостарско-дувањски бискуп и Требињско-мркански апостолски администратор, во заедништво со домашниот бискуп монсињор Киро Стојанов, како и други бискупи гости, поканети за оваа прилика.

Во пресрет на отворањето на манифестацијата, утре во 11 часот во Спомен-куќата на Мајка Тереза ќе бидат отворени три тематски изложби посветени на нејзиниот живот и наследство. Посетителите ќе можат да ги разгледаат поставките „Мирот започнува со насмевка“, „Наследството на Мајка Тереза“ и „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“, кои преку фотографии, сведоштва и инспиративни пораки го претставуваат нејзиното дело и влијание во светот.

Би можело да ве интересира

Пожар во бараката на Управата на Клиничкиот центар во Скопје

Османи во Ватикан по повод одбележување пет години канонизација на Мајка Тереза

А1он

Со свечена академија завршуваат 21. „Денови на Св. Мајка Тереза“

Ана Ололовска

Џафери: Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост, на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните и сиромашните

Ана Ололовска

„Денови на Св. Мајка Тереза“ по повод 110 години од нејзиното раѓање

Ана Ололовска

„Скопје 2014“ мора да се отстрани од Мал ринг, смета работната група формирана за последиците од проектот

Маја Илиевска-Пачемска